– Робот на стомакот се прашува со какви јадења да го прослави празникот, а Божјиот слуга помислува – со какви духовни дарови ќе се збогати.

– Често славољубието непријателствува против прејадувањето; овие две страсти се борат за кутриот монах, како за купен роб. Прејадувањето бара разрешение, а славољубието нè присилува да ја покажеме нашата добродетел, а разумниот човек ја одбегнува морската шир и на едната и на другата и знае да користи погодно време како да ја отстранува едната страст со другата.

– За оние што се силни и што не паѓаат во грев, особеното воздржување е потребно само кога телото почнува да беснее, а за оние што постојано се распалуваат, воздржувањето е потребно дури до смртта; тие нека се борат сè до својот смртен час и слобода никогаш да не му даваат – мир со него никогаш да не склучуваат. Пред сè, нека го пазат нивниот разум што им наложува, а потоа, треба на Бога да Му се молиме: да ни дава духовна тага, за гладот и жедта да ги претрпиме.

– Стомакот наш да го скротуваме со помислување на идниот оган. Покорувајќи му се на својот стомак, некои, поради распаленоста на телото, и своите телесни членови ги отсекле и со двојна смрт умреле. Размисли добро и ќе видиш, дека прејадувањето е единствената причина за давењето во морето на похотата, кое патем речено, со нас во моментов се случува.

– Кога стомакот се стеснува, тогаш и срцето се смирува, кога стомакот е преполн со храна, тогаш и срцето со помислите свои се вознесува.

– Знај дека демонот на чревоугодието често покрај стомакот седи и не му дава на човекот наситен да се почувствува, макар и целата храна на Египет да ја изеде, макар сета вода на реката Нил да ја испие.

– Чревоугодието е причина за сите паѓања и прекршувања на монашките завети во општежитието. Ако ја победиш оваа господарка, тогаш секое место ќе ти биде погодно за постигнување на бестрасноста; ако, пак, таа владее со тебе, и до самиот гроб нејзе ќе ѝ робуваш.

– Живото спомнување за смртта ја прекинува невоздржливоста во јадењето и пиењето; кога невоздржливоста во храната со смирение бидува прекината, тогаш и другите страсти истовремено престануваат.

– Еднаш, кога уште бев млад отидов во еден град, и таму, за време на ручекот, бев одеднаш нападнат од помисли за прејадување и славољубие, па, плашејќи се од порокот на прејадувањето, расудив дека е подобро да бидам победен од духот на славољубието. Кај мирјаните коренот на сите зла е среброљубието, а кај монасите – прејадувањето.

– Како што угоените птици не можат високо да летаат, така и оние што му угодуваат на своето тело – не можат да се искачат на небото.

– Исушеното блато не им е угодно на свињите, така и телото ослабено од подвизи, не им дава веќе радост на демоните.

Свети Јован Лествичник