Тогаш му рече Господ на Исуса: „Еве, Јас го предавам Ерихон во рацете твои, заедно со царот негов и силните луѓе во него;
опколете го градот сите вие способни за војна, и обиколувајте го по еднаш секој ден, и така правете шест дена;
и седум свештеници нека носат пред ковчегот седум труби од рогови; а седмиот ден обиколете го градот седумпати и свештениците нека трубат со трубите.
И штом ќе затрубат со трубниот рог, па го чуете гласот трубен, целиот народ нека воскликне, и градските ѕидишта ќе паднат сами од себе до основата своја пред оние што воскликнуваат; и тогаш целиот народ нека навлезе во градот, тргнувајќи секој од своето место.“
Тогаш дојде Исус, синот Навинов, кај свештениците Израилеви и им рече: „Земете го ковчегот на заветот и седум свештеници нека носат седум труби рожени пред ковчегот Господов!“
И им рече, велејќи: „Заповедајте му на народот да го обиколат и да го опкружат градот; а вооружените нека одат пред ковчегот Господов.“
Штом Исус му го кажа тоа на народот, им рече и на седумте свештеници што ги имаа седумте свештени труби да појдат и да затрубат громогласно со трубите, и ковчегот на заветот Господов да оди по нив.
Вооружените, пак, одеа пред свештениците кои трубеа со трубите; и оние што одеа по нив, по кочегот на заветот Господов, исто трубеа со труби.
На народот, пак, Исус му заповеда и рече: „Не викајте и да не се чуе глас од вас, и да не излегува збор од устата ваша до оној ден додека не ви заповедам: воскликнете! – и тогаш ќе викнете.“
Така ковчегот на заветот Господов тргна околу градот и еднаш го обиколи; и дојдоа во логорот и ноќеваа во него.
На вториот ден Исус стана рано изутрина, и свештениците го понесоа ковчегот на заветот Господов;
и седумте свештеници, што ги носеа седумте труби пред ковчегот Господов, одеа и трубеа со трубите; вооружените, пак, одеа пред нив, а другите одеа по ковчегот на заветот Господов и свештениците затрубија со рожените труби.
И вториот дена го обиколија градот еднаш и се вратија во логорот. Така правеа шест дена.
На седмиот ден станаа рано и го обиколија градот седумпати; само тој ден го обиколија градот седумпати.
И при седмото заобиколување свештениците затрубија во трубите. Тогаш Исус му рече на народот: „Воскликнете, бидејќи Господ ви го предаде градот!
И градот нека биде проколнат, и сè што е во него од силата Господова; само блудницата Раав запазете ја, неа и секој што е во домот нејзин; зашто таа ги сокри извидниците што ги пративме.
Но вие пазете се од клетвата за да не паднете и самите под клетва ако земете нешто од заколнатото, и со тоа на логорот и на синовите Израилеви да им нанесете проклетство, и нас да нè истребите.
Златото, пак, среброто и бакарот и железото се за Господа и нека се внесат во сокровиштето Господово!“
И затрубија свештениците со трубите. Штом го чу народот звукот од трубите, сите заедно извикаа со висок и силен глас, и сите градски ѕидишта паднаа, и целиот народ влезе во градот, секој од своето место, и го презедоа градот.
И проколна Исус сè што беше во градот, – мажите и жените, младите и старите, овците и ослите; и сè се истреби со меч.
А на двајцата младичи што ја беа разгледале земјата, Исус им рече: „Влезете во домот на жената блудница и изведете ја оттаму неа и сите што се кај неа, бидејќи вие ѝ се заколнавте.“
Тогаш влегоа момчињата што го разгледуваа градот во домот на жената и ја изведоа блудницата Раав и таткото нејзин, мајката нејзина, браќата нејзини и сите нејзини роднини и сите што беа кај неа; ги изведоа и ги ставија надвор од логорот на Израилот.
А градот и сè што беше во него го изгореа со оган; само среброто и златото, бакарот и железото ги предадоа, за да се внесат во сокровишницата Господова.
Блудницата, пак, Раав и целиот нејзин татков дом Исус ги остави живи, и таа живее меѓу Израилот до денес, зашто ги сокри извидниците што ги испрати Исус за да го разгледаат Ерохон.
Во тој ден Исус проколна и рече: „Проклет да биде пред Господа оној што ќе го издигне и изгради овој град Ерихон; врз својот првороден син тој ќе ги положи основите негови и врз најмалиот син свој ќе ги постави портите негови!“ А тоа го направи Азан, родум од Ветил; тој го основа врз првородениот син свој Авирон, а врз најмалиот, Спасен, ги постави портите негови.
И Господ беше со Исус, и славата Негова се разнесуваше по целата земја.
Книга Исус Навин (гл. 6, 1-26)