Потоа погледнав, и ете, врата отворена на небото, и поранешниот глас, што го бев чул како од труба, кој зборуваше со мене, рече: „Искачи се овде и ќе ти покажам што треба да стане потоа!“
И веднаш бев обземен од духот. И ете, на небото стоеше престол, и на престолот седеше Некој.
Оној, Кој седеше, изгледаше као камен од јаспис и сардис, а околу престолот имаше виножито, кое прилегаше на смарагд.
Околу престолот, пак, имаше дваесет и четири престоли; а на престолите видов седнати дваесет и четири Старци, облечени во бели алишта, а на главите имаа златни венци.
И од престолот излегуваа молњи, громови и гласови, а пред престолот гореа седум огнени светила, кои што се седумте Божји духови;
пред престолот, пак, имаше стаклено море, слично на кристал; а сред престолот и околу престолот – четири животни, однапред и одназад полни со очи:
првото животно прилегаше на лав, второто – на теле, третото животно имаше лице како на човек, а четвртото личеше на орел во лет.
И четирите животни имаа по шест крилја околу себе, а одвнатре беа полни со очи, и без прекин дење и ноќе воскликнуваа: „Свет, свет, свет е Господ Бог Седржителот, Кој беше, Кој е и Кој ќе дојде!“
А кога животните Му воздаваа слава, чест и благодарност на Седнатиот на престолот, на Живиот во вечни векови,
дваесет и четирите Старци паѓаа пред Седнатиот на престолот, Му се поклонуваа на Живиот во сите векови и ги полагаа своите венци пред престолот, велејќи:
Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја сѐ е создадено и сѐ постои!
И видов во десницата на Оној, Кој седеше на престолот, книга напишана одвнатре и однадвор, запечатена со седум печати.
И видов силен ангел, што викаше со висок глас: „Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?“
И никој не можеше да ја отвори книгата, ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, ниту, пак, да ја гледа.
И јас многу плачев, дека никој не се најде достоен да ја отвори и да ја прочита таа книга, ниту да ја гледа.
А еден од Старците ми рече: „Не плачи! Ете, победи Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!“
Погледав, и ете, среде престолот и четирите животни и среде Старците стоеше Агнецот, како заклан, со седумте рога и седумте очи, кои што се седумте духови Божји, пратени по целиот свет.
Он дојде и ја зеде книгата од Оној, Кој седеше на престолот.
И кога ја зеде книгата, четирите животни и дваесет и четирите Старци паднаа пред Агнецот, држејќи секој од нив гусле и златни чаши, полни со темјан, кои што се молитвите на светиите;
и пееја нова песна, велејќи: „Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе,
и нѐ направи пред нашиот Бог цареви и свештеници; и ние ќе царуваме на земјата!“
Потоа видов и чув глас на многу ангели околу престолот и околу животните и Старците, а бројот им беше милијарда милијарди и илјада илјади,
кои зборуваа со висок глас: „Достоен е закланиот Агнец да ја прими силата и богатството, премудроста, моќта и честа, славата и благословот!“
И секое сознание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сѐ што е во нив, чув да зборува: „На Оној, Кој седи на престолот, и на Агнецот – благослов и чест, слава и владеење во сите векови!“
А четирите животни велеа: „Амин!“ И дваесет и четирите Старци паѓаа и Му се поклонуваа на Живиот во сите векови.
Откровение на светиот апостол Јован Богослов (4, 1-11 и 5, 1-14)