На еден далечен и осамен остров, среде океанот, живееле убаво и во слога љубовта, богатството, тагата, суетата и знаењето. Животот на тој остров им поминувал мирно, далеку од сите светски грижи и настани. Но, после многу векови, тие забележале дека нивниот остров бргу и сѐ поизвесно полека исчезнува. Не им требало многу време за да сфатат дека островот забрзано потонува. Вознемирени, тие ги спакувале своите работи и тргнале полека да го напуштаат својот прекрасен, волшебен, но потонувачки остров, кој со векови наназад им ја пружал секоја среќа.

Единствено љубовта, постојана по својата природа, одлучила да остане. Единствено таа верувала и се надевала дека сето ова е привремено и дека ќе дојдат подобри денови кога сѐ ќе биде убаво и весело како порано. Меѓутоа, со текот на времето, љубовта сфатила дека нема надеж и дека и таа ќе мора да го напушти својот дом. Убаво ги спакувала своите мали нешта и своите бројни спомени, но за жал, сега немало начин како да го напушти островот. Сите чамци, бродови и сплавови веќе отпловиле, а да се направат нови повеќе немало време. Љубовта почнала да повикува за помош.

Токму во тоа време, некако патот таму го нанел богатството. Љубовта се израдувала на среќната околност и го замолила богатството да ја прими на неговиот брод:

Те молам, прифати ме, островот тоне, ќе се удавам – рекла љубовта.

Извини љубов! Но мојот чамец е полн со злато и со скапоцени камења, нема место и за тебе. Ако и ти влезеш, се плашам дека ќе потонеме – рекло богатството и си заминало.

Љубовта почнала да паничи. Островот тонел забрзано, и наоколу сѐ повеќе и повеќе избивала водата. Во паника, љубовта и понатаму повикувала за помош. Тогаш на својот сплав наишла тагата. Љубовта се израдувала на стариот пријател:

Таго, те молам спаси ме. Ќе потонам заедно со ова наше островче. Би било штета светот да остане без љубовта.

Жал ми е љубов – одговорила тагата – толку сум тажна што не можам да те поведам со мене. Сакам да бидам сама. И ја оставила љубовта далеку позади себе.

На островот, љубовта почнала да очајува. Не гледала начин и можност дека ќе се спаси од непријатната ситуација во која се нашла, и тоа затоа што верувала во подобро утре. Меѓутоа, капка надеж, или можеби во прашање е верата, сепак ја наведувало и понатаму да продолжи да повикува помош. Нејзините повици го привлекле вниманието на суетата, која овде случајно поминувала.

Поведи ме со себе. Ти си мојата единствена надеж – замолила љубовта.

Не доаѓа во обзир! Погледни колку си влажна и валкана, сакаш ли да ми го намокриш чамецот? Самата си виновна! Сега сноси ги последиците. Убаво ти говорев да заминеш додека сѐ уште можеше. Суетата, дури и навредена, без никаква совест ја оставила љубовта на нејзината тажна судбина.

Губејќи ја и последната надеж, љубовта се предала на судбината. Седнала на единствениот непотопен камен што останал од нивниот некогаш голем и прекрасен остров и смирено чекала и тој да исчезне под водата и да ја земе со себе. Но наеднаш, се појавил некој странец со своето мало пловило.

Странецот се приближил сосема близу и ја подал својата раката кон љубовта. Таа влегла во чамецот и тој ја пренел на соседниот остров. Овде, љубовта излегла од пловилото, се заблагодарила и продолжила понатаму. Само неколку метри подалеку, сфатила дека не прашала кој ја спасил. Набргу се свртила и истрчала назад кон брегот, но и чамецот и странецот веќе се изгубиле на хоризонтот.

Тогаш љубовта го забележала знаењето како седи на брегот. Му пришла и го прашала:

Кажи ми знаење, кој е странецот што ме спаси од сигурна смрт?

Знаењето ја погледнало, а потоа се насмевнало и ѝ рекло:

Како, зарем не знаеш? Тоа беше времето.

Времето? Прашала збунето љубовта.

Да, времето – одговорило знаењето – бидејќи само времето може да спознае колку е голема и важна љубовта.