На кротост и смирение нѐ учи Самиот Господ, велејќи: научете се од Мене, бидејќи Сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете покој за душите ваши; ниту од ангелите, ниту од луѓето, туку од Мене научете се, односно, од големата Премудрост.

Надворешната кротост да биде воочлива во сѐ: кротко да ти биде одењето, кротко седењето, кроток погледот, кротко словото. Овие нешта да ти бидат како што треба, зашто од нив ќе изникне вистинскиот христијанин. Облеката на мажот, смеењето од устата и одењето на нозете, кажуваат сѐ за него.

Духовната кротост на внатрешниот човек се состои во воздржување од гнев и скротување на јароста. Кога некој од некого е нажален, и покрај можноста за одмазда, тој не се одмаздува, и иако некој му досадува, самиот тој пак никому не му е здодевен.

Кротост е, никого да не го лутиме ниту со еден збор, ниту со некакво дело. Секој човек со добродетели нека го насладува своето срце, според зборовите Господови: на кого ќе погледнам, само на кроткиот и молчаливиот. И според пророчките зборови: ќе ги постави Господ кротките на суд (во благоразумноста), и ќе ги научи кротките на патиштата Свои, зашто благоволи Господ од луѓето Свои да ги вознесе токму кротките кон спасение. „А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат со изобилен мир“ (Пс. 36, 11).

Најмногу треба да се трудиме да здобиеме смирение. Смирението е вистинско познавање на својата ништожност и презирање на самиот себе. И кога некој својата немоќ и грешност ги знае, ниту малку не се превознесува со својот ум, но се чувствува себеси за најлош од сите, најгрешен и најпоследен од сите и во сѐ: тој е смирен. Ако смирениот се поправи со некоја добродетел, тој не ја припишува на своите сили, туку на Божјата помош, според зборовите на Господа Исуса Христа, Кој вели: ако и сите заповеди ги исполните, речете: Учителе, непогодни сме! Зашто, без Мене, вели Господ, ништо не можете да направите.

Смирение е, да се сметаме себеси за ништо.

Старец Иларион Саровски