Моштите се посмртни остатоци од светителите, во облик на цело тело, делови од тело или честица (и – мал дел од останките) и заедно со гробот и храмот каде се положени се основниот елемент којшто е поврзан со појавата, негувањето и развојот на култот на светителите. Нивното почитување има длабока историја засведочена уште во најраниот стадиум од распространувањето на христијанската идеологија.
Така, во старозаветната традиција за моштите се зборува како за коски кои се предмет на особена почит додека, пак, во новозаветната традиција тие придобиваат квалитативно сосема нова димензија со овоплотувањето и воскресението на Синот Божји, Исус Христос.
Оттука богословското осмислување на почитувањето на моштите се заснова на есхатолошкото учење за бесмртноста, односно на есхатологијата на задгробниот живот – воскресението. Имено, славата на светителите не е независна од славата на Христос, бидејќи тие се свети преку светоста на Христовото тело и исполнетоста со Светиот Дух, односно преку Божјата благодат. Следствено на тоа, во нивните посмртни останки – светите мошти, пребиваат божјите благодатни сили (ενεργεία – ‘дејство’) со чија помош се случуваат безброј чудотворства.
Всушност, светоста и чудотворноста се заедничките именители околу кој настанува „внатрешната акултурација“, односно доаѓа до внатрешното прилагодување помеѓу официјалното и народното православие. Со овие „знаци“ се исполнети хагиографските и химнографските текстови, народните преданија и раскази поврзани со гробовите на мачениците и светителите и нивните свети останки – моштите.
Со други зборови кажано, со двоединството на светоста и чудотворството се образложува почитувањето на светителите воопшто, како што се изградбата на култни објекти – цркви и манастири, ставањето на мошти во олтарот при осветувањето на црквата, зашивањето на мошти во антимисот врз кој се служи Божествената литургија, свеченото пренесување на моштите и иконите, востановувањето на празници во нивни спомен, поклонението пред моштите и иконите на светителите, свечените литии со моштите и иконите и поклоничките патувања.
Тргнувајќи од овие теоретски аспекти, култот кон светите мошти во предложениот наслов ќе го истражиме преку примерот на св. Петнаесет тиверополски свештеномаченици кои проповедајќи го христијанството пострадале за време на крвавите прогони на императорот Јулијан Отстапник (361-363), на 28 ноември 362 г. Најрано сведоштво за нивниот култ имаме во Асемановото глаголско изборно евангелие (крај на 10 почеток на 11 век), во месецословот што е додаток на Евангелието, каде се спомнуваат под датумот 29 август.
Потоа се споменуваат во Савиното изборно евангелие (11 век), во Драготинскиот апостол (12 век), како и во Охридскиот изборен апостол (крај на 12 век), под датумот 28 ноември. Исто така, поменот на св. Петнаесет тивериополски маченици се одбележува и во Струмичкиот изборен апостол (13 век) под датата 29 август. Како во евангелијата така и во апостолот мачениците прецизно се локализирани во Струмица.
Ели Луческа- Институт за старословенска култура