Знаеме за настанот со жената со крвотечение, што е опишан во Евангелието. Оваа жена, која многу години страдала, понизно се приближила до Господа Христа, го допрела работ од Неговата облека, и во истиот момент веднаш оздравела.

Според тоа, ако таа жена со право ја допрела облеката на нашиот Господ, зошто на некој врз кого се пројавува дејството на човечката природа да му биде забранет пристапот до Црквата Божја?

Ако некој, возљубен брате, се пожали и рече дека крвотечивата жена од Евангелието била под власта на болеста, а дека жените што имаат месечен циклус се отстранети од причеста поради обичајот, сети се дека сето она што во ова смртно тело по слабост го поднесуваме уште од Адамовиот пад, настанува според Божјата волја, која отсекогаш била и ќе биде мерка на праведноста.

Гладот, жедта, врелината, студот и исцрпеноста потекнуваат од гореспоменатата слабост на нашата природа; нашата потрага по храна заради изгладнетоста, водата заради жедта, освежувањето заради врелината, облеката заради студот и одморот заради исцрпеноста, се само човечки обиди за на нашите слабости да им најдеме некаков лек.

Во однос на сето она што досега е кажано, месечниот циклус кај жените е еден вид на болест и слабост. Ако постапката на крвотечивата жена е достојна за слава и пофалба – а тоа е постапка на болна жена која се допира до Господовата облека – зошто на ист начин да не ги гледаме и сите оние жени кои имаат месечен циклус и ја поднесуваат слабоста на својата човечка природа?

Свети Григориј Двоеслов