На овие жени, Христос не им ги откривал, како на дванаесетте избрани апостоли, тајните на иднината; тие не ја знаеле ниту смислата на Неговата смрт, ниту тајната на претстојната победа – на идното воскресение. За нив смртта на учителот и пријателот била смрт и крај на сѐ. Ова за нив истовремено била и срамна смрт, но и страшен крај и потрес. Тие стоеле пред Крстот единствено затоа што го љубеа Исуса, и токму оваа љубов ги тераше да страдаат заедно со Него.

Тие не го напуштија ова ослабено и измачено тело, туку го направија сето она што љубовта од памтивек го прави при последната разделба. Оние, кои Христос ги замоли да бидат со Него во часот на страшната борба, кога, според зборовите на Евангелието, Тој започна да се „ужаснува и да тагува“ – тие Го напуштија и побегнаа; се одрекоа од Него. „А Марија стоеше покрај гробот и плачеше“. Така, на тој начин, низ сите времиња плаче љубовта, така и Христос плачеше над гробот на својот пријател Лазар. И ете, оваа љубов најпрво дозна за победата; на оваа љубов, на оваа верност, за прв пат ѝ беше дадено да разбере дека повеќе не треба да постои плачот, дека „смртта е проголтана од победата“ и дека нема, и никогаш нема, да има таква безнадежна разделба.

Ете, ваква е смислата на неделата посветена на жените мироносици. Таа нѐ потсетува дека тогаш единствено љубовта и верноста блескаа во безнадежната темнина. Таа нѐ повикува да ги чуваме љубовта и верноста за тие да не умрат и да не исчезнат од овој свет. Ја осудува нашата малодушност, нашиот страв и нашето вечно ропско самооправдување. Таинствените Јосиф и Никодим, но и жените кои в зори одат накај гробот, заземаат толку малку простор во Евангелието. Но сепак, токму на ова место се разрешува вечната судбина на секој од нас посебно.

Протоереј Александар Шмеман