Без сомнение, живееме во време на отстапништво, кое е предвидено за последните времиња. Всушност, мнозинството луѓе се атеисти, макар што многумина од нив теориски и понатаму веруваат. Рамнодушноста и духот на светот превладуваат насекаде.

Која е причината за ваквата состојба?

Причината е во заладувањето на љубовта. Љубовта спрема Бога не пламти веќе во срцата на луѓето, а како резултат на тоа и љубовта меѓу нас луѓето е исто така умртвена.

Кои се причините за намалувањето на љубовта спрема Бога? Одговорот сигурно е – гревот. Гревот е мрачен облак кој не ѝ дозволува на светлината Божја да се покаже пред нашите очи. Но, гревот постоел отсекогаш. Па, како тогаш дојдовме до оваа точка, не само до едноставно игнорирање на Бога, туку до вистинска омраза спрема Него? Човековиот став спрема Бога денес не е обично незнаење или обична рамнодушност. Ако внимателно ги анализирате луѓето, ќе воочите дека нивното незнаење и нивната рамнодушност се проткаени со длабока омраза. Но, никој не мрази нешто што не постои.

Се сомневам дека денес луѓето повеќе веруваат во Бога од било кое друго време од човечката историја. Луѓето го знаат Евангелието, го познаваат учењето на Црквата и Божјото создание подобро од кога и да е порано. Имаат длабока свест за Неговото постоење. Нивниот атеизам не е вистинско неверување. Тој попрво е одвратност спрема Некој Кого што мошне добро Го познаваме, но Кого Го мразиме од сето срце, исто онака како што и демоните го мразат.

Ние го мразиме Бога, па затоа и Го игнорираме, Го превидуваме, како да не Го гледаме и се преправаме дека сме атеисти. Всушност, ние Го сметаме за непријател пар екселанс. Нашето негирање и нашиот атеизам е нашата одмазда.

Но, зошто луѓето Го мразат Бога? Го мразат затоа што нивните дела се мрачни, а Бог е светлина, но исто така и затоа што Го сметаат за закана, за блиска и вечна опасност, за противник на судот, за јавен обвинител и за вечен прогонител. За нив Бог веќе не е Семоќен Лекар Кој дошол за да ги спаси од болеста и од смртта, туку попрво, суров и осветољубив инквизитор.

Гледате, ѓаволот успеал да ги натера луѓето да веруваат дека Бог навистина не нè сака, дека Тој се сака само Себеси и дека нè прифаќа само ако се однесуваме како што Тој налага, дека нè мрази ако не се однесуваме онака како што Тој заповедал. Веруваме дека Тој е навреден со нашата непослушност до таа мера што мора да платиме со вечни маки, создадени од Него токму за таа цел.

Како може да се сака мачителот? Дури и оние кои многу се трудат за да се спасат од гневот Божји, не можат вистински да Го љубат. Тие се сакаат само себеси, обидувајќи се да ја избегнат Божјата одмазда и да ги стекнат вечните блаженства, измислувајќи разни начини како да го задоволат овој страшен и исклучително опасен Творец.

Дали ја забележувате ѓаволската клевета за нашиот Себлаг и апсолутно Добар Бог, Кој нѐ сака сите нас? Затоа ѓаволот така и се нарекува. На грчки „диаволос“ значи клеветник.

Александрос Каломирос