-Сакаш да одиме директно таму, да ги запознаеш?- предложи во вчерашното жешко задушно попладне, нашата волонтерка која што требаше да ја раскаже приказната за семејството во кое што Фондација „Елеуса“ ја реализираше последната донаторска акција.
Тоа „жешко и задушно попладне“ не е пишано како метеоролошки опис, туку како метафорична мимикрија на првичниот нагон на авторот на овие редови, да остане удобно седнат во комоцијата на климатизираната просторија. Но, ентузијазмот со кој беше даден предлогот, ја исфрли секоја дилема дали треба да одиме и на лице место да се погледнеме очи в очи со нашите нови пријатели.
-Како дозна за ова семејство, како се запознавте? –ја прашав, а, во главата веќе ми одѕвонуваа безбројните поуки на нашите отци, дека секој човек во нашиот живот е испратен од Бога, како лакмус во нашиот однос со Него.
Така и ова семејство, кое по една медицниска интервенција станува дел од приказната на Фондација „Елеуса“. Една девојка-матурантка, татко ѝ, чичкото и баба ѝ споделуваат трошен живот во едно село од поширокиот струмички регион.
Отворената железна порта и најискрената прегратка со најшироката насмевка за најсрдечното добредојде. Чинам ниту еден јазик не создал доволно силен суперлатив кој може да ги пренесе емоциите кои од срцето се прекопираат на лицата на луѓето кои се допреле до благодатта на Љубовта и на заедницата. Беа трогнати од грижата и од интересот што го покажавме да ги посетиме, да дознаеме нешто за нив, да ги прашаме како се и да го поделиме товарот на немаштијата. Тоа им значеше повеќе од помошта, им даде надеж.
По неколкумесечна посветена работа со здружени сили и Божја волја успеавме да создадеме основни, пристојни услови за живот за ова семејство. Скудната куќа затрупана со старудии и отпад полека почна да наликува на дом. Семејството доби нова бања, со целосна изведба на одвод, довод, плочки и инвентар. Наместо на чешмата во дворот, кујнските потреби ќе ги вршат на новата чешма на терасата, а во дневната ќе одмораат и ќе се дружат на нова гарнитура.
Скромното преуредување, им даде елан да се потрудат да си ја подобрат егзистенцијата (мораме да спомнеме дека дел од членовите на семејството се со попречености). Но, прават планови за ангажирање во земјоделското производство и понатаму, ако даде Бог, нови вложувања во домот.
Токму тоа нѐ исполнува со среќа и благодарност. Радоста дека со подадена рака можеме да извлечеме некој од амбисот на немоќта и сиромаштијата и од агонија да изникне нова животна радост, раскажуваат волонтерите од Елеуса.
„Му благодариме на Бога за сѐ!
Им благодариме и на нашите донатори, кои од срце и без двоумење донираа сѐ што беше потребно.
Благодариме на нашите волонтери кои своето слободно време го минуваа помагајќи му на ова семејство. Благодариме и на сите кои беа вклучени во организирањето на прославата, обезбедувањето гардероба, обувки и целосен изглед на нашата сакана матурантка.
Бог да ве награди по својата милост!“, велат од Фондација „Елеуса“.