Верата е пат на кој Бог и човекот одат на средба еден кон друг. Првиот чекор го прави Бог, Кој секогаш и безусловно верува во човекот. Тој на човекот му дава некаков знак. Некакво претчувство на Своето присуство. Човекот како да слуша таинствен Божји повик и неговиот чекор кон средба со Бог претставува одговор на тој повик. Бог го повикува човекот јавно или тајно, забележливо или дури и незабележливо. Но, на човек му е тешко да поверува во Бог доколку не го почувствува тој повик.

Верата е скришна и таинствена. Поради што некој човек одговора на повикот, а друг не? Поради што, некој штом ќе го чуе Божјиот збор, подготвен е да прифати, а другиот останува глув? Поради што некој, среќавајќи го Бог на својот пат, во истиот момент остава сѐ и тргнува по Него, а друг се свртува и заминува на страна? И одејќи покрај Галилејското море, ги виде двајцата браќа, Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари, и им рече: „Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.“ И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. Потоа, одејќи, понатаму виде други двајца браќа: Јакова Заведеев и брата му Јована, во Кораб со Заведеја, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и ги повика. И тие наеднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него. (Матеј 4, 18-22).

Во што се состои тајната на галилејските рибари да, оставајќи сѐ, тргнат по Хрисотс, Кој го гледаат првпат во животот? И поради што, богатиот младич, когошто Христос исто така го повика „Ајде со Мене“, веднаш не се одѕва, туку „си отиде нажалостен“ (Матеј 19, 21-22)? Нели е разликата во тоа што тие биле сиромашни, а овој имал „многу имот“, тие немале ништо освен Бог, а овој имал „богатство на земјата“?

Секој човек има свои богатства на земјата, дали пари или материјални добра, добра работа или животна благосостојба. А Господ вели: „Блажени се сиромашните по дух, бидејќи нивно е Царството небесно“ (Матеј 5, 3).

Во старите ракописи на евангелието по Лука речено е уште поедноставно и непосредно: „Блажени се сиромашните, бидејќи ваше е Царството небесно“ (Лука 6, 20). Блажени се оние кои ќе почувствуваат дека ништо немаат во овој живот, па макар и да имаат многу што, оние кои почувствувале дека никакво земно богатство не може на човекот да му го замени Бог. Блажени се оние кои заминуваат и го продаваат своето богатство, за да добијат еден драгоцен бисер – верата (Матеј 13, 45-46). Блажени се оние кои спознале дека без Бог се сиромашни, блажени се оние кои станале гладни и жедни за Него со сета душа, со целиот ум и волја.

Зборот за верата никогаш не бил лесен за прифаќање. Но, во наше време, луѓето толку се оптоварени со проблемите поврзани со земското битисување, па многу, едноставно речено, немаат време да го чујат тој збор и задлабочено да мислат на Бог. Понекогаш верата се сведува на празнување на Рождеството Христово и Пасха, и почитување на уште неколку обреди само за да „не се одвојуваме од коренот“, од националната традиција. Некаде, верата станува „модерна“, и луѓето одат во црква за да не заостануваат зад соседот. Но за многумина, главниот проблем претставува деловниот начин на живот. „Деловните луѓе“ претставуваат посебна генерација на луѓе од дваесеттиот век за кои не постои ништо друго освен нивната сопствена фикција за некој „бизнис“, кој ги преокупира во целост и не им остава ни најмал зрак светлина или пауза за да би се слушнал Божјиот глас.

И повторно, колку и да изгледа парадоксално, меѓу бучавата и вителот од работа, случувања, впечатоци, луѓето во своето срце го слушаат таинствениот Божји повик. Може овој повик не се поистоветува секогаш со идејата за Божественото и често субјективно се прифаќа едноставно како некакво незадоволство, внатрешен немир, трагање. И дури после многу години човекот станува свесен дека целиот негов поранешен живот бил толку инфериорен и непотполн поради тоа што во него го немало Бог, без Кој нема и не може да има потполност во постоењето. „Ти си не создал заради Себе“ вели блажениот Августин, „и во неспокој страда нашето срце додека не се смири во Тебе“.

Божјиот повик може да се спореди со стрела со која Бог, како искусен ловец, ја ранува човековата душа. Раната која крвави, а не зараснува, ја принудува душата да заборави на сè и да бара лекар. Душата на оној кој го осетил тој повик станува преокупирана со силната желба за Бог. „И помислите на оваа душа“, вели преподобниот Макариј Египетски, „горат од духовна љубов и незадржлива желба за се пославни и посветли убавини на духот, се мачат поради незадржливата љубов кон Небесниот Младоженец, и… се стремат кон она што е највозвишено и највеличенствено, кое повеќе ни со зборови може да се изрази, ниту пак да се разбере со човечкиот разум… Низ големите подвизи, напори, долгото подвизување и совршената борба… ваквите души секогаш се понесени од небесните духовни тајни и се воодушевени од разновидноста на божјата убавина, барајќи го со голема жед она што е најдобро и најголемо. Бидејќи, во Божествениот Дух содржана е разновидна и неисцрпна, неизкажлива и незамислива убавина, која им се открива на достојните души за радост и насладување и живот и утеха, така што чистата душа, која секој час гори од најсилна и огнена љубов кон небесниот Младоженец, никогаш повеќе не би се свртела кон земското, туку целосно ќе биде обземена од љубов кон Него.