Некаде, некој убаво има кажано дека колку повеќе се доближуваме до Голгота, следејќи Го верно Христос, толку помалку луѓе (духовни чеда, пријатели) гледаме околу нас. Но, ништо чудно. Знаеме и од Евангелието дека истото прво Му се случило на нашиот Господ Исус Христос.

Има и исклучок од правилото. Тоа се жените мироносици. Што би требало да се издвои, имајќи го предвид нивното житие, како најкарактеристично од севкупниот нивен подвиг во служењето на Богочовекот Христос?

Тоа непоколебливо и постојано следење на Христос, без оглед на тоа што се случува со Него, без оглед на сите можни тешкотии и без оглед на тоа какви последици од тоа можат да произлезат за нив самите.

Тоа е тој личен однос кон Бог карактеристичен за децата Божји, наспроти оној на робовите и наемниците. Однос на давање и однос без интерес.

Но, што уште сакам, за мене нешто навистина посебно и воодушевувачко, да ви нагласам за жените мироносици?

Во оној период од дејствувањето и проповедта на Богочовекот Христос, кога Он чудесно исцелува луѓе болни и од најтешки болести, па дури и мртви воскреснува, кога чудесно заситува илјадници гладни, кои околу Него се собираат и кога како овоземен цар славно Го пречекуваат во Ерусалим, служењето и присуството на жените мироносици е речиси незабележливо; но во периодот кога започнуваат Неговите страдања, нивната верност и нивното присуство веднаш доаѓаат до израз. Чудесно смирение и чудесна љубов…

Жените мироносици ни го покажуваат патот. Нив Самиот Христос ги предочува за пример.

Разликата во поздравот го потврдува кажаното: едно е некого да поздравиш со зборовите „радувајте се“, како Христос – Богородица и жените мироносици, по Воскресението, а друго е да го поздравиш со зборовите „мир вам“, како Христос – Апостолите. Со „радувајте се“ се поздравуваат утврдените, а со „мир вам“ колебливите.

На што нѐ потсетува примерот на Богородица и жените мироносици? Сите знаеме дека на почетокот од нашиот православен духовен живот Божјата благодат отворено и јасно нè поткрепува во подвигот, и тогаш секој подвиг ни изгледа лесен. И сите се здобивме со опитот дека таа потоа на кратки периоди се сокрива од нас, а нам сè ни изгледа многу тешко.

Битно е за нас дека Господ ни ги дава овие периоди на сокривање на благодатта Божја за наше духовно растење и восовршување. Секојпат кога ќе го напуштиме подвигот во периодот кога благодатта се крие, ние постапуваме како наемници и трговци, а не како деца; и паѓаме.

За да го достигнеме континуитетот во нашиот подвиг најмногу ни помагаат нашите волја и упорност. Значи, треба да се принудиме преку нашата цврсто пројавена волја да продолжиме со соодветниот подвиг и во периодот кога благодатта се крие (или скриено дејствува во нас).

Континуитетот на подвигот во подолг и тежок период на сокривање на благодатта е знак дека преминот од првиот степен (очистување на срцето) на вториот степен од духовниот раст (просветлување на умот) е многу блиску, исто како и соодветниот дар што им следува на децата Божји – на вистинските и законити наследници на Преданието на нивниот Небесен Отец.

Богородица, заедно со жените мироносици, најмногу и докрај сострадуваа под Крстот, но затоа и први ја слушнаа веста за Христовото воскресение и први Го допреа Воскреснатиот Богочовек Христос.

Пресвета Богородице, заедно со жените мироносици, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум