Ако научиш да простуваш – целиот свет е твој

Простувај, за твојата душа е подобро.
Дигни глава и продолжи, животот е пред тебе и скришно ти се насмевнува.
Простувај, за наше добро е тоа – за другото си има судови.
Простувај лесно, но никогаш не заборавај – сите знаат што прават; би додал, но ги забораваат последиците од злото.
Простувај – за да бидеш запаметен.
Кој сака да успее, мора во себе да усвои простување за сите, однапред – колку и да му згрешат.
Тоа „се извинувам“ е пропратено со исправање на грешката или се само празни зборови?
Ретко кој денес се извинува, а уште поретко вистински го мисли тоа. Давањето прошка не ја отстранува потребата од барање прошка.
Сакаме да победиме со понижување на противникот, а не со простување; затоа не умееме да најдеме решение за многу ситуации.
Сѐ се простува, само некои односи најверојатно никогаш повеќе не ќе можат да бидат исти.
Простувањето е прашање на наша психоментална хигиена. Непростувањето нам ни штети, не на тој што не му простуваме.
Реалното непростување нас самите нè труе, и никој друг.
Ако мислиш дека нешто сум ти згрешил, ти простувам.
Ако мислам дека нешто сте ми згрешиле, простете ми.
Јас ти простувам секогаш; проблемот е и ти да си простиш себеси.
Со незаборавањето – нема да ги повторуваш грешките; со простувањето, ќе ја задржиш светлината во себе – што привлекува.„Со кое средство ја чистите совеста?“ – Главно е простувањето, а има уште неколку други.
Бог на сите сè им простил; проблемот е што ние самите не си простуваме, чувајќи го злото во себе – непростувајќи им на другите.
Бог ни простува буквално сè – тоа ни е дар.
Ние обично им простуваме на тие што не ни згрешиле.
Затоа, најтешко ни е себеси да си простиме.
Потешко од тоа да побараш прошка од другите е само – да си простиш на самиот себе.
Најтешко е да си простиме на самите себе, но бидејќи не знаеме како да си простиме – и за тоа треба духовен учител.
Или ќе си простите, или има да ве нема.
Ајде да си простиме себеси, простувајќи им на сите што нè повредиле, зашто ако не им простиме, злото останува во нас.
Простувајте, не за друго, ако не простиме, злото што ќе остане во нас со непростувањето нам ќе ни наштети.
Си простувам јас – самиот на себе, но никогаш нема да се помирам – самиот со себе.
Едно е да си простиш, а друго е да се помириш – со тоа каков си.
Кога би се познавале себеси, полесно би простувале.
Би ги познавале и другите…
Мостот, по кој сите поминуваме – е прошка за виновните; ако не му простиш на виновниот –го разрушуваш мостот, по кој ти требаше да поминеш.
Што ако пријателот ми згрешил?
Ќе му простам. Градењето пријателство е, исто така, долготрајна борба.
Еднаш негде прочитав дека ако научиш да простуваш – целиот свет е твој.
И по толку време, гледам функционира…

“Постојам, значи љубен сум” – Митрополит Струмички Наум