Митрополит Струмички Наум:

Бадник – Божикни недоумици

Секоја година околу Божикните празници на површина излегуваат одредени недоумици околу нивното правилно прославување. За да нема многу забуни околу оваа проблематика, решив да ви посочам еден ориентир според кој и најнеинформираните верници можат да се управуваат. Ориентирот е причестувањето со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови во Светата Литургија на Црквата. Секој празник во Црквата има една и единствена цел – причестување со Светите Тајни Христови. Без остварување на оваа цел, може да стане збор за сѐ, само не и за верско и побожно славење на Бог. Затоа што, нема ли Причест, нема ни христијанство. За употреба на овој ориентир, нема потреба од не знам какво познавање на догмите, каноните или црковните правила, ниту од итна консултација со духовен отец.

На пример: имаме недоумица во однос на подготовката на таканаречената бадникова семејна вечера; ако знаеме дека главната цел при дочекот на Рождеството Христово ни е причестувањето со Светите Тајни Христови, тогаш од трпезата веднаш отпаѓа рибата и сѐ што е подготвено на масло (зејтин). За друга мрсна храна и да не спомнувам – секој знае дека пред Причест се пости. Исто, на пример, и за палењето на огновите. Се случува ли таму пиење алкохол и слушање и играње на музика – за мрсна храната веќе говоревме, се знае дека тоа е спротивно на постот, а со самото тоа недозволиво пред Причест. Така, ако главен ориентир при секој дочек на некој црковен празник ни е причестувањето со Христос, тогаш никогаш нема да згрешиме при решавањето на пројавените недоумици.

Друго прашање е, на пример, дали одредени обичаи при црковните празнувања се пагански остатоци или се туѓи, или се и едното и другото. На пример, палењето огнови и собирањето и делењето бадникови гранчиња.

За палењето огнови, сите имаме доволно памет да знаеме дека е тоа пагански обичај, иако може да им се даде и христијанска симболика. Но, ако на огнот ги додадеме алкохолот, храната, музиката и световните песни и игри, тогаш колку и да сакаме, нема да успееме да му додадеме и христијанска симболика – нема Причест, нема христијанство.

Собирањето и делењето бадникови гранчиња е само српски народно-црковен обичај и ниту на една друга помесна Православна Црква или народ. Во ова спаѓаат и славите и славскиот колач – кои ги потиснаа имендените и петолебието, кршењето на лебот со паричката на бадниковата вечера, како и пеењето според Мокрањац. Ништо од ова нема во останатите делови од Македонија, освен паричката за Бадник во Пиринска; многу од ова немаше пред 40 години во Скопје; речиси ништо од ова немаше кога дојдов за Епископ во Струмичка Епархија и фала на Бог и сега е така (лепче со паричка во мое присуство се кршеше во поранешен „Југопромет“ во присуство на голем број угледни граѓани на 14-ти јануари по нов, т.е. на 1-ви по наш календар, на свети Василиј Велики); и ништо од ова, нигде, немало пред 1918 година.

Негување или не, на туѓи црковни обичаи е многу важно прашање, затоа што е идентитетско прашање. И уште, ако се потсетиме дека таквите обичаи се воведени во поново време, со мирна совест можеме да ги класифицираме како планирана разузнавачко-субверзивна дејност на странски фактор. Треба малку да се освестиме дека ништо не е случајно на Балканскиот Полуостров.

Толкувањето дека Божик е семеен празник, како и таквото празнување, е исто така туѓо учење и туѓ обичај – неправославен. Каква врска има непорочното и бессемено зачнување и безболното и девствено раѓање со засновањето на овоземното човечко семејство? Ама баш никаква! Значи, имаме туѓо учење – неправославно, кое се надополнува со неправославна иконографија: каде што Јосиф и Марија стојат заедно наведнати пред колевката на Исус, за разлика од православната иконографија каде што Пресвета Богородица и Секогашдева Марија заедно со Богомладенецот Христос го заземаат централниот простор на иконата, а праведниот Јосиф, ако некој не знае, едвај може да го забележи на иконата – насликан негде настрана. Ако на ова го додадеме и нарочното организирање на семејна вечера токму на Бадник, заедно со нарушувањето на определениот црковен пост, а со тоа и неможноста за Причест – се комплетира целата слика колку е сето тоа погрешно. Божик се слави, после Црква, и во семејството, но не е празник на семејството!

Со што, во ваков случај, се соочува секој посветен пастир на Црквата Божја? Како мудро и со расудување да го искористи секој повод и да ги придобие луѓето за Бог и да ги спаси?

Со други зборови, на оној што веќе доаѓа на огнот, треба да му објасниме дека е добро барем да не го нарушува постот, а на собирањето околу огнот да гледа како на собирањето на пастирите на кои им било јавено доаѓањето Христово (и така зборот бадник доаѓа од зборот будник – молитвено бдение). На оние што од таа причина се собираат околу огнот треба да им објасни дека вистинското славење на Бог, сепак, се заокружува со одење во црква и причестување со Светите Христови Тајни. Исто така, треба да се објасни дека бесмислена е семејната бадникова трпеза – цела година не сме седнале заедно на вечера и токму сега најдовме да седнеме, ако на неа мрсиме и затоа останеме без Причест на Рождеството Христово, како и ставање на паричка на Бадник кога се знае дека Црквата тоа го предвидела за свети Василиј Велики (14.01. – по нов календар, за недоволно упатените) и место среќата на послушанието, да ги пожнееме плодовите на непослушанието – кои секако ќе бидат некоја несреќа; итн., итн.

Само, да внимаваме, да не послужи ваквиот пастирско-педагошки пристап како оправдување за учество во световни забави и за заработка на пари. Свештеник не би требало да се појавува таму каде што се пали огин и каде што се нарушува светиот пост. Пастирската работа со луѓето нема за цел финансиска корист, туку духовно растење на доверените ни духовни чеда. Значи, накратко: луѓето треба духовно да ги водиме и духовно да растат, а не истите луѓе секоја година да берат гранки по шумите, да палат огнови и да скокаат пијани околу нив и да останат за потсмев и на иноверните и на демоните – времен и вечен, а на голема жал на нашата Мајка, Пресветата Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија.

Она што очигледно е грев – и етички и еколошки, и што треба веднаш да го промениме, е оставањето на многу наши семејства без огрев и храна преку зима, а сме можеле да им помогнеме. Наместо да палиме ритуални огнови и да ја дозагадуваме околината, и наместо да го нарушуваме постот со мрсни јадења и световни музики и песни, подобро е да им помогнеме на сиромашните со огрев и храна, и ќе видиме каква радост тоа дело на милосрдие ќе ни донесе и каков благослов Божји во животот.

И да не заборавам, календарот нема да се менува. Оти и тоа е една од недоумиците. Ама, некој ќе рече, дека тоа нема врска со причест. Точно е дека нема, ама сепак, нема да го менуваме. Чисто, информативно, за сомничавите.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, просветли нѐ и помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум