Најпрво сакам да ви обрнам внимание на Филиповиот одговор: „Дојди и види!“, на прашањето на Натанаил: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“; како и на Натанаиловото прифаќање на повикот. Ова е наједноставен и најсигурен личен метод на проверка на нештата.

Зборовите „дојди и види!“ во контекст на православниот духовен начин на живот и подвиг не значат ништо друго освен: чистење на срцето од страстите и просветлување на умот, подвиг и дар, пракса и теорија. Едното без другото едноставно не оди.

Денешново евангелие е уште едно историско сведоштво и конкретен пример на совршена молитвена заедница и однос помеѓу Бог и човекот, помеѓу Прволикот и Неговата икона; сведоштво за исполнета молитва и остварен личен однос.

Кога Христос му вели на Натанаил: „Кога беше под смоквата, Јас те видов“, всушност му открива Кој го слушал, но и Кој му ја исполнува во целост и во живо таа молитва сега. А Натанаил со својот одговор ни открива и ни сведочи дека во Богочовекот Христос Го препознава Оној Кому Му се молел и Кого единствено Го барал во молитвата – Синот Божји и очекуваниот Месија.

А кој друг би можел да знае што се случува во срцето и во умот на Натанаил ако не Самиот Бог? Така, не знам на што попрво да се воодушевуваме: дали на Натанаиловата молитва, во која Го бара само Него; или на нејзиното совршено исполнување – и како мистично доживување и како лична средба во живо – од страна на Богочовекот Христос?

Што можеме да заклучиме од оваа средба и воопшто од преданието на Светите отци за подвигот на богопознанието, а во контекст на денешниот празник – Недела на Православието?

Согласно опитот на сите Светии, единствен темел на вистинскиот духовен живот е вистинската вера. Учеството во вистинската вера во Црквата истовремено значи и учество во вистинска благодат. Вистинската вера го соединува човекот со Бог.

Нашата создадена енергија влегува во процес на преобразување, односно очистување, просветлување и обожeние само во комуникација со несоздадената енергија на Единствениот Вистински Бог, а не со нешто што е создадено, па макар тоа било наречено и почитувано од страна на некои луѓе (или од повеќето луѓе) како бог или нешто божествено.

Но и вистинскиот, православен и подвижнички духовен живот во Црквата е единствен метод со кој се стигнува до спознание на вистинската вера, до богопознание.

Спознанието на вистината, на лично ниво, не е интелектуално човечко достигнување, туку, пред сè, е Божји дар на просветленост на умот и обожение на личноста; дар Божји кој се добива после големиот подвиг на чистење на срцето од страстите.

Затоа, многу е потребно, покрај подвигот за сочувување на вистинската вера по секоја цена, да се сочува и вистинското аскетско-исихастичко предание во Црквата, преданието на умно-срдечната молитва.

И уште ова, каква е таа молитва поради која Господ лично се појавува? Слушнете: секое друго барање во молитвата, како што се: здравје, среќа, благосостојба, а не барање на само Него и единствено Него, е валкање на чистотата на православната вера; а нас нѐ деградира – од деца Божји во наемници (кои работат за награда) или робови (кои нешто чинат или не чинат од страв). Не дека Бог нема да ни го даде и другото што го бараме, но тогаш нема да Го видиме Него.

Пресвета Богородице, спаси нас!