Педесетница (11.06.2022)

При толкувањето на евангелието за жената Самарјанка ви реков: „Водата што Богочовекот Христос ни ја дава, и која имајќи ја никогаш нема да ожедниме, е благодатта на Светиот Дух во нашето срце. Оваа благодат во нас може да стане и извор на благодат која нè води во живот вечен доколку го очистиме и го отвориме нашето духовно срце“ – секако, за молитвата. „Добивањето и пронаоѓањето на вода жива, пројавено како умно-срдечна молитва, е дар Божји“.

Денес, кога повторно учествуваме во светата Педесетница, истата потврда ја добивме и од Самиот Богочовек Исус Христос во Неговото Евангелие: „’Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие! Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода‘. А ова го рече за Духот, Кого ќе Го примат оние кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен“ (Јован 7, 37–39).

Вознесението на Богочовекот Христос и симнувањето на Светиот Дух Господ на Апостолите, е двоеден настан во севкупниот Домострој на Бог и Отецот за нашето спасение: „Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам“ (Јован 16, 7).

И навистина, Светиот Дух Господ се симна на светите Апостоли и во собранието на Црквата, и во Светата Литургија на Црквата ни овозможи, и секој пат повторно ни овозможува, да станеме учесници во севкупниот Светотроичен Домострој на нашето спасение.

Светиот Дух Господ на посебен начин влегува и дејствува во Црквата и во светот од денот на светата Педесетница. Црквата станува Тело Христово. Секој, пак, што е крстен во Црквата ја прима несоздадената благодат на Светиот Дух во своето срце. И доколку со својот аскетско-исихастички и литургиско-соборен живот, под надзор и во послушание на својот духовен отец, ја активира и ја актуализира таа благодат, од неговата утроба ќе потечат реки од жива вода.

Значи, симнувањето на Светиот Дух покрај своето светотаинско и соборно-лично значење, има и длабоко лично-соборно, односно внатрешно, аскетско, значење за нас. Без лично да Го примиме во Црквата Светиот Дух, ниту срцето наше ќе станеше наш духовен центар, ниту ќе знаевме за местото на срцето, ниту исцелениот наш ум – односно енергијата на нашиот ум соединета со својата суштина во срцето – ќе можеше молитвено да се просветлува престојувајќи во благодатта на Светиот Дух, ниту ќе можевме да Му служиме на Бог на олтарот од нашето срце, ниту ќе можевме целата Црква да ја видиме собрана во нашето срце, ниту ќе можевме да ја видиме несоздадената светлина Божја, ниту од нашата утроба (срце) ќе потечеа реки од вода жива, та да можат и нашите ближни да ја угасат својата духовна жед.

И како вообичаено, после Христовата проповед, настана во народот расправија за Него. „А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него. Дојдоа, пак, слугите кај првосвештениците и фарисеите и овие им рекоа: ’3ошто не Го доведовте?‘ А слугите одговорија: ’Никогаш човек не говорел така како Овој Човек‘. Тогаш им одговорија фарисеите: ’Да не се прелажавте и вие?‘“ (Јован 7, 43–48).

Гледате ли, деца, како првосвештениците и фарисеите самите за себе сведочат дека својот ум го хранеле само со празно знаење, но не и своето срце со добри дела и затоа не можат да Го препознаат воплотениот Син Божји: „Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него? Но овој народ, што не го знае Законот, е проклет“ (Јован 7, 48–49).

Тоа е уште еден евангелски исечок во кој јасно го забележуваме судирот меѓу словото на законот и Духот на словото; меѓу формата и суштината; меѓу институцијата и харизматичната личност; меѓу формалноста на стариот завет и Духот на Новиот Завет; меѓу лажните пророци и Вистината Христос; меѓу секундарната и примарната функција на умот; меѓу дуализмот и исцеленоста; меѓу схоластицизмот и православниот духовен опит; меѓу болната логика и здравата мистика; меѓу затемнетоста и просветленоста; меѓу паднатата природа и Светата Тајна; меѓу номичноста и антиномичноста.

Гледаме дека кога некој со слово во сила го допира човековото срце, тогаш човек престанува да дејствува според плановите на својот разум или зададените задачи или колективните несвесни шеми, и почнува да дејствува според своето ново, преобразено чувство и според својот освестен разум – кој ги прифатил новото чувство и новото сознание.

Слугите одбиваат извршна наредба, и тоа во очи и слободно им го кажуваат на своите претпоставени – првосвештениците и фарисеите, без чувство на страв; како нешто најнормално да им пренесуваат. Гледате ли зошто ви велам дека прво треба преку умно-срдечната молитва да допреме до своето срце, па потоа преку преобразената и просветлена мисла, преточена во слово со сила, да допреме и до срцето на другиот?

Но, ова евангелско четиво има уште еден преубав момент – поврзувањето на симнувањето на Светиот Дух Господ со неосудувањето, а тоа го гледаме во случајот со жената фатена во прељуба. Судењето и осудувањето на другите е најголемата пречка за заедница со Светиот Дух Господ. Духот Божји нема никаква заедница со духот на антихристот.

Христос вели: „Јас не дојдов да му судам на светот, туку дојдов да го спасам светот“ (Јован 12, 47). Значи, ние мораме да учествуваме во спасението на светот со наша конкретна љубов, а не да му судиме, и на тој начин да Го сведочиме Христос како Оној што го љуби светот, а не како Оној што му суди на светот. Предуслов за тоа е и ние, кои ја претставуваме Црквата, да имаме љубов меѓу себе: „По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици – ако имате љубов меѓу себе!“ (Јован 13, 35).

Токму Светиот Дух на Црквата ни овозможува на секоја Литургија да учествуваме во целиот Христов Домострој на спасението, па и во самата света Педесетница. Богочовекот Христос во Евангелието вели: „Секогаш кога ќе се соберете да јадете од овој Леб и да пиете од оваа Чаша, Мојата смрт ќе ја сведочите и Моето воскресение“ (види: 1 Кор. 11, 26). Со други зборови: секогаш кога ќе се соберете на Светата Литургија околу својот Епископ и ќе се причестите со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови, го овозможувате и учествувате во целиот Домострој на спасението на светот. Но, подеднакво е важно да сте и сведоци на овој Домострој, и надвор пред сите луѓе, после завршувањето на Литургијата. Затоа, трудете се вашиот живот да биде Литургија и по Литургијата, бидејќи тоа само од нас зависи и само така има смисла и нашето собрание, овде.

Толку се битни црковните литургиски собранија, што во каноните на Црквата Отците одредиле дека никој не може да се смета за жив член на Црквата ако неoправдано, три недели по ред, не учествува во Литургијата на Црквата.

И пак им рече Исус, велејќи: „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“ (Јован 8, 12). А врват по Него оние кои ги исполнуваат Неговите заповеди. Оние кои своето срце и својот ум ги хранат со добри дела, во послушание кон својот духовен отец. Оние кои сострадуваат и помагаат на сиромашните, затворените и болните. Оние кои не мислат за себе дека се подобри од кој било друг. Оние кои вината за сè ја гледаат само во себе. И врват по Него оние кои начинот на својот подвиг го восогласиле со степенот на духовната возраст на кој се наоѓаат. Сите тие ќе имаат светлина во животот, откако со таквиот начин на живот ќе го очистат своето срце, ќе го добијат дарот на умно-срдечната молитва и ќе го просветлат својот ум.

Цару Небесен, Утешителу, Духу на Вистината, пријди и всели се во нас, очисти нѐ од секоја нечистотија и спаси ги, Благи, нашите души!

Митрополит Струмички Наум