„А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него. И една жена, која страдаше дванаесет години од крвотечение, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува, пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвотечението“ (Лука 8, 43–44).

Како што крвта е потребна за животот на телото, така и благодатта Божја е потребна за вистинскиот живот на душата. И, како што телото умира ако крвта истече, така и душата се умртвува ако благодатта Божја отстапи од неа.

На првиот степен од нашиот духовен развој, чистење на срцето од развратните страсти, ние сме во постојана борба да го сопреме тоа истекување и губење на благодатта од нас. Додека ги преобразуваме страстите, нашиот духовен живот е непостојан и често се случува духовно да паѓаме и да стануваме, но во тој процес ние учиме и како да ја задржиме благодатта во нас. Уште учиме како, и кога благодатта се крие од нас, да живееме исто како кога е таа присутна и кога нескриено ни помага. Во овој подвиг, во ова постојано аскетско принудување на самите себе и себемотивирање, се состои тајната на нашето духовно растење.

Отстапувањето од молитвата кон Бог и расеаноста на нашиот горд и затемнет ум се главна причина за губење на благодатта. И како што свети Никола Кавасила негде вели: „Затоа се причестуваме на секоја неделна Литургија, односно така често, за да го обновиме Христовиот печат во нашата нестабилна природа“, т.е. да ја обновиме Христовата благодат во нас.

Дури на вториот степен, просветлување на умот, откога ќе го познаеме местото на срцето добивајќи го дарот на умно-срдечната молитва, ние внатре во нас го запознаваме непресушниот извор на Божјата благодат. И, бидејќи имаме вистински допир до Христос, престанува процесот на постојано губење на благодатта, исто како што кај крвоточивата жена престанало течењето на крвта. Тогаш ја добиваме онаа постојана радост и светлина.

Значи, треба да го најдеме вистинскиот начин за допир до Христос, затоа што многу од луѓето се туркаа до Него и Го допираа, но Он само крвоточивата жена ја посочи како некој што вистински се допрел до Него.

На првиот степен од духовниот раст вистинско допирање до Христос е очистувањето на срцето од страстите преку исполнувањето на Неговите заповеди, во рамките на целосрдечното послушание. На вториот степен вистинско допирање до Христос е повеќечасовното молитвено пребивање на умот во срцето и љубовта и кон непријателите, како и пастирскиот подвиг и жртва.

Вистинскиот допир до Христос ни ја открива тајната на Царството Небесно внатре во нас, во нашето духовно срце, т.е. благодатта на Светиот Дух Господ, и ни ги открива силата на преобразувањето и радоста на Христовото воскресение.

Тајната на Христовото воскресение ќе остане недостапна и неоткриена за сите оние што не го прифаќаат и што го негираат начинот на вистински допир до Христос, на тие што не го восогласуваат начинот на својот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаат; и ним, како на такви што се потсмеваат и не веруваат, ќе им биде забранет влезот и ќе пропуштат да го видат воскресението на душата и телото уште во овој свет и век, исто како што им се случи на оние што не го видоа воскресението на Јаировата ќерка.

Посебно носи умиление делот од евангелското четиво во кое Богочовекот Христос го превенира очајанието на Јаир, како и многупати нашето: „Додека Он уште зборуваше, дојде некој од управникот на синагогата и му рече: ’Ќерка ти умре; не мачи Го учителот!‘ Но Исус, штом го чу тоа, одговарајќи, му рече: ’Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена!‘“ (Лука 8, 49–50).

Господи Исусе Христе, заради Богородица, прости ми и помилуј ме грешниот!

Митрополит Струмички Наум