Колку повисока цел си поставува човекот, вообичаено, толку повеќе достигнува. Така и Господ нѐ повикува кон остварување на највисоката цел: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец Небесен“. Значи, не треба да се задоволуваме само со нашето верување во Господ, туку треба да се стремиме и кон познанието на Бог – за, од опит на заедница со Него, да Го знаеме.

Желбата на Апостолот Тома да ги допре раните на воскреснатиот Богочовек Исус Христос не е неверие, туку природен и спасоносен копнеж на секој човек да Го познае Бог од опит, а не само од просто верување и читање книги. Затоа што, посебно, самото интелектуално знаење за Бог не ни носи сигурно спасение, а најчесто ни носи гордост, поделби и пропаст, додека пак, знаењето на разумот што произлегува од опит на заедницата со Бог ни носи смирение и единство, во Светата Евхаристија на Црквата.

Апостолот Тома со мачеништво Го посведочи Христос. Светото Евангелие не е напишано за да ја испитуваме верата на светиот Апостол Тома – тоа не е во наша власт, туку да ја испитаме и провериме нашата сопствена вера преку неговиот пример, и да се покаеме – што е во наша власт.

Затоа, Христовите зборови: „и не биди неверен, но верен!“ (Јован 20, 27), треба да се споредат со разликата меѓу аскетската и благодатната вера – во која Господ сите нѐ повикува. Аскетската вера се состои во тоа да се принудуваме да веруваме во Бог („Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ – Марко 9, 24), а благодатната вера е кога од опит на заедница со Него имаме знаење и познание за Него („Господ мој и Бог мој!“ – Јован 20, 28).

И затоа, реченото: „Тома, ти поверува, зашто Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале!“ (Јован 20, 29), значи, едноставно, дека оние што не Го виделе Бог од опит, а кои, сепак, ќе останат верни докрај, ќе се спасат – и затоа се блажени, а дека Апостол Тома е свет.

Опитот за кој постојано говориме и овде, а кој го опишуваме како духовно знаење на разумот што произлегува од опит на заедницата со Бог, во нашето срце, е опитот во умно-срдечната молитва. Без овој опит нема благодатна вера, нема просветлување на умот и нема постојано преобразување на човекот до обожение. Темел на овој опит, без што не е можен, е восогласувањето на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме.

Основен копнеж на секоја христијанска душа треба да биде достигнувањето на дарот на умно-срдечната молитва и познанието на Бог од опит. Во ова не постои разлика меѓу мирјани и монаси, свештеници и лаици. Без овој копнеж, потврден на дело, нема православен духовен живот.

Затоа и свети Никифор Исихаст, заедно со многу Свети отци на Црквата, во рамките на севкупното лично покајание, како и милосрдие кон страдалните, инсистира на овој подвиг, велејќи:

„Ако, пак, брате, и по многу труд не успееш да навлезеш во пределот на срцето, како што ти кажав, направи вака, како што ќе ти кажам понатаму, и со Божја помош ќе го најдеш бараното. Ти знаеш дека внатрешното слово на секој човек се наоѓа во неговите гради [срце]. Зашто, внатре во градите, кога молчат нашите усни, ние разговараме со себе и твориме молитва, и псалми пееме или друго кажуваме. Така, со внатрешното слово, изгонувајќи од него секаква помисла (зашто можеш, ако сакаш), кажувај си ја кратката молитва ’Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!‘ – и принуди се, наместо каква и да е помисла, само таа секогаш да плаче внатре. Ако продолжиш да го вршиш ваквото дело непопустливо и со сето внимание, со време ќе ти се отвори преку ова и влегувањето во срцето, за коешто ти пишував, без секакво сомнение, како што и ние самите од опит сме познале“.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум