(Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици)

Активирањето или актуaлизирањето на благодатта на Крштението во нашето духовно срце вообичаено се случува на два начина: или со чинот на самото Крштение или голем (долг) временски период потоа. Постојат и вонредни начини.

Активирањето на благодатта со чинот на самото Свето Крштение редовно се случувало во првата Црква: кога луѓето се крштевале возрасни и кога пред тоа Крштение имало тригодишна подготовка. За време на подготовката катихумените биле подучувани во очистувањето на срцето од страстите и на дело го чистеле своето срце од страстите, така што, на крај, навистина Светата Тајна Крштение ја доживувале како просветлување (на умот) и, секако, срцето им било отворено за молитвено симнување на умот во него. Но, да не превидиме, уште поважно и од подготовката е што тоа време било време на отворен прогон на христијаните, кога секој што се крштевал бил свесен дека најверојатно и ќе пострада.

Активирањето на благодатта после поминувањето на подолг временски период по Крштението обично се случува денес, кога луѓето ги крштеваат уште како мали деца, без никаква подготовка или свесност за тоа. Затоа, долго време потоа, откако човекот ќе порасне, ќе сфати и ќе се покае, пред него допрва претстои подвиг за активирање на благодатта; подвиг во кој човекот, под водство на духовниот отец – во послушание, треба доволно да го очисти срцето од своите развратени страсти, така што од него да се пројави благодатта на Крштението. Благодатта потоа сѐ привлекува кон себе, пред сѐ умот на оној чие срце е отворено.

Токму тоа лично активирање и усвојување на несоздадената благодат Божја, Господ го нарекува раѓање одозгора (види: Јован 3, 3), а не толку самото Крштение.

Ако ја погледнеме состојбата денес и се запрашаме каде најмногу се забележува тоа активирање на благодатта на Крштението, ќе забележиме дека тоа се остварува, во најголем број од случаите, во животот на монасите. Исто како што се случувало и од почетокот на појавата на монаштвото – мачеништво на совеста. Ако погледнеме уште малку пред тоа, кон првата Црква, ќе забележиме дека тоа активирање на благодатта во многу поголем степен се случувало кај светите маченици – во крв. И сега се поставува клучното прашање: Зошто токму кај овие две групи на подвижници најмногу? Што е тоа што е заедничко за овие две групи? Што е тоа што суштински ги поврзува?

Ги поврзува остварувањето на заветите на Светото Крштение, т.е. одрекувањето од сатаната и од сите негови дела, зборови и мисли, односно ги поврзува екстремното одрекување од овој свет, сѐ до смрт. Ги поврзува слободата од комфорот. Ги поврзува, исто така, анонимноста и скриениот подвиг. Со еден збор, ги поврзува маченичкиот етос. Затоа и монаштвото се појавува откако престанал прогонот на Црквата. Монаштвото, како и духовниот живот – воопшто, се мачеништво и денес, затоа што современиот човек е толку поврзан или заробен, односно поистоветен со своите страсти и затоа толку болен, што неговото исцеление бара голем, долг и болен подвиг – рамен на мачеништво.

Мачеништвото на совеста, односно монаштвото, како и православниот духовен живот воопшто, е духовен подвиг чија вистинитост и правилност може и треба да се провери според плодовите што ги носи.

Оној што ќе пострада маченички на првиот степен – очистување на срцето од страстите, во внатрешната борба со своите непреобразени страсти и демоните поврзани со нив, ќе го стекне плодот на дарот Божји на аскетската умно-срдечна молитва.

А оној што ќе пострада маченички на вториот степен – просветлување на умот, во надворешниот напад од страна на луѓето – демонските слуги, ќе го стекне плодот на дарот Божји на непрестајната умно-срдечна молитва и гледањето на божествената светлина.

Нормално, оној што нема да го восогласи начинот на својот живот и подвиг со степенот на духовниот развој на кој се наоѓа, нема ни да ги види плодовите на Светиот Дух, ниту пак, може да се смета за маченик. „А ако пак, некој војува, сепак венец не добива, бидејќи не се борел според правилата“ (2 Тим. 2, 5).

На пример, доколку некој тврди дека е маченик затоа што демоните или луѓето го гонат, а ги нема соодветните дарови на Светиот Дух – како што е умно-срдечната молитва, таквиот подобро да се запраша каков непромислен потег или противзаконски акт направил за тоа да му се случи, отколку таква идеја да негува за самиот себе и кај своите следбеници.

Зошто најчесто говориме во конкретни, а не во општи духовни категории? Затоа што ако говориме само за љубов, радост, мир, трпение, молитвеност, смирение, тивкост, благост или пак, преподобност, монаштво или мачеништво, без притоа сите овие општи категории да се проверат и да се потврдат со печатот на умно-срдечната молитва како конкретно проверлива категорија, ние само ширум ги отвораме вратите на прелеста.

За жал, прелеста го попречува покајанието. Затоа повеќето христијани речиси до крајот на својот живот остануваат, во најдобар случај, на првиот степен од духовниот развој, без да ги почувствуваат утехата, радоста, мирот и светлината на умно-срдечната молитва.

Опитот на Црквата низ историјата забележал дека вистинскиот маченички подвиг секогаш ги вдахновува и им го разгорува огнот на верата, неодоливо привлекувајќи на исто страдање заради Христос и многубројни други луѓе, и очевидци и тие што ќе чујат, а понекогаш и самите мачители. Исто како што лажниот подвиг или имитирањето ги одбива и нема сила да предизвика внатрешна духовна преобразба кај оние што ќе бидат во допир со него.

И сите житија на светите маченици во крв, во основа го сведочат тоа што можеме да го илустрираме преку житието на кој било од нив: за да не се одрече од Христос и за да го исповеда името Господово, маченикот што е измачуван од друговерниот гонител со полна свест се одрекува од самиот себе, претпочитајќи ја дури и телесната смрт само за да не го изгуби, туку да го восоврши своето единство со Господ. За возврат, од мигот кога го прави изборот и кога се определува да страда заради Христос, на маченикот му се даваат извонредните благодатни дарови својствени за највисокиот духовен степен обожение. Таа благодат му помага да го доврши натчовечкиот подвиг и да го посведочи името Господово со смелост и непоколебано.

Во житијата на светите маченици најјасно се согледува реалноста на екстремното одрекување од светот, како и брзината на добивањето и големината на Божјите дарови на обожението со кои се стекнува исповедникот на името Христово: непрестајна молитва во време на страданијата, љубов и кон мачителите, тело духовно, гледање на несоздадената светлина Божја, дар на богопознание, дар на чудотворство итн.

И житието на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, како и житијата на сите свети маченици во основа се само незамолчливи сведоштва на екстремното одрекување од овој свет, коишто постојано ја будат заспаната христијанска совест низ вековите.

Подвигот на христијанството во овој свет е неразделно и суштински поврзан со подвигот на мачеништвото. Всушност, тоа е еден и ист подвиг. Ако веќе се нарекуваме христијани во овој свет, тоа можеме да бидеме само како маченици.

Господи Исусе Христе, помилуј нас!

Митрополит Струмички Наум