Повторно јас, бедниот, бев сопнат во умот и по лоша навика на гревот му слугував. Повторно кнезот на темнината и родителот на страсните наслади ме зароби, и како понизен слуга, по негова волја, на плотските желби ме принудува да им робувам.

И што да сторам, Господи мој, и Избавителу и Заштитнику на оние што се надеваат на Тебе, ако не повторно кај Тебе да се вратам и да залипам, и да ја испросам Твојата милост за она што го сторив; но се плашам и треперам, да не испадне секогаш исповедајќи се и ветувајќи дека ќе отстапам од злите дела, во секој час повторно да грешам; и не принесувајќи ја мојата молитва кон Тебе, мојот Бог, да го поттикнам и Твоето долготрпение на негодување.

А кој ќе го поднесе Твојот гнев, Господи? Но, знаејќи ја големината на Твојата милост и пространството на Твоето човекољубие, повторно ѝ се поверувам на милоста Твоја и Ти повикувам: прости ми што ти згрешив! Помилуј ме мене паднатиот, дај ми рака на помош на мене потонатиот во калта на сладострастието. Не дозволувај, Господи, Твоето создание да пропаѓа во своите беззаконија и гревови; но поттикнат од Твоето својствено милосрдие и благост, избави ме од калта и скверноста телесна и од моите страсни помисли, кои постојано ја осквернуваат мојата бедна душа!

Ете, Господи, како што гледаш, во неа нема чисто место, но целата е прокажана и целото мое тело е прекриено со рани. Но Сам Ти, Човекољубче, Лекару на душите и телата, очисти ме со поројот на моите солзи, кои обилно се излеваат: излеј го врз мене Твоето човекољубие и дај ми исцелување и очистување и исцели ја мојата раслабеност, и не одвраќај го Твоето лице од мене за да не ме проголта огнот на очајот; но како што Си рекол, вистинољубив Боже, дека голема радост бидува на небото за еден грешник кој се кае, така направи и со мене грешниот и не затворај ги ушите на Твоето благоподобие пред молитвите на моето покајание; но отвори ги, и како кадило исправи ги моите молитви пред Тебе.

Зашто ја знаеш Создателе, немоќта на нашата природа и лесната колебливост на младоста, и тромоста на телото, и ги презираш гревовите, и го примаш покајанието на оние кои искрено Те повикуваат. Зашто е благословено и прославено Твоето пречесно и великолепно име – на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Свети Василиј Велики