Во чинот на погребението има зборови кои како да се произнесени од страна на упокоениот: „Гледајќи ме како лежам без глас и без здив, заплачете за мене, о браќа, пријатели, роднини и познати: до вчера јас беседев со вас и ненадејно ме снајде страшниот смртен час. Но, пријдете, сите што ме љубите и поздравете ме со последен целив, зашто повеќе нема да одам помеѓу вас и со вас да беседам; одам при Судијата, каде што нема лицемерие; зашто робот и господарот заедно се претставени, царот и воинот, богатиот и бедниот во еднакво достоинство се, зашто секој според своите дела или ќе се прослави или ќе се посрами. Но, просам и сите ве молам, непрестајно молете се за мене на Христа Бога заради моите гревови, да не бидам воведен во местото на маката, но да ме всели онаму, каде што е Светлината на животот“.

За молитвата за упокоени прекрасно говори Достоевски преку устата на својот херој, старецот Зосима: „Секој ден и кога можеш, повторувај за себе: ’Господи, помилуј ги сите што денес пред Тебе се претставија‘. Зашто во секој час и во секој момент, илјадници луѓе го напуштаат својот живот на земјата и нивните души застануваат пред Господа, и колкумина од нив од земјата се разделиле осамено никому не бивајќи познати, во жалост и тага, и никој нив нема да ги пожали… И, еве можеби, од другиот крај на земјата, ќе се вознесе твојата молитва кон Господа за покој на некого што воопшто не си го познавал, а и тој тебе. Колку ќе биде умилно за душата негова, која застанала во страв пред Господа, да почувствува во тој миг дека и за него има молитвеник, дека останало на земјата човечко суштество коешто го љуби. И Бог милостиво ќе погледне на вас двајцата, зашто ако веќе ти толку си го пожалил, та колку ли повеќе Он, Кој во бесконечност е милосрден… И Кој ќе му прости заради тебе“.

Митрополит Иларион Алфеев