Молитвата е мајка и царица на сите добродетели. Но, зошто таа се смета за мајка на сите добродетели? Самиот апостол Павле вели: „И сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема од нив е љубовта“ (1. Кор. 13, 13). Нели вака се вели?

Значи, според Светите Отци, очигледно е дека најголема добродетел не е молитвата, туку љубовта.  Но, зошто Светите Отци сепак велат дека молитвата е мајка на сите добродетели? Затоа што таа ја донесува љубовта во нашата душа. Љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот не доаѓаат по друг пат во нашата душа, освен преку молитвата!

Еве, на пример: ако си налутил некого или некој те налутил, и кога ќе почнеш да го спомнуваш во молитвата, одеднаш гледаш дека по некое време изчезнува омразата помеѓу вас. Преку молитвата се сече раздорот, и веднаш го придобиваш ближниот и го приведуваш кон помирување и соединување. Затоа свети Максим вели: „Кога ќе видиш дека некој те мрази или те онеправдува, било праведно или неправедно, почни да го спомнуваш во молитвата“. Но немој да бараш да му се случи нешто лошо, бидејќи тоа на тебе ќе ти се врати. Секогаш вели вака: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме и мене грешниот и мојот брат, бидејќи заради моите гревови тој ми се налутил. Мојот брат е моето огледало и тој ја гледа мојата злоба“.

Св. Јован Лествичник вели вака: „Немој да го обвинуваш братот кога се молиш за него, или да бараш негово казнување“. Не е дозволено! Дури и да ги имате некои за непријатели, сепак знаете како се моли Црквата? Црквата се моли за да се вразумат непријателите, да им се простат гревовите, да бидат приведени кон познавањето на вистината, да станат кротки и да се обратат кон доброто.

Така се моли Црквата. Никогаш Црквата не сака некому да направи лошо. Господ сака сите луѓе да се спасат (1. Тим 2, 4)… Ние, пак, кога имаме некој проблем, ни се чини дека тој и тој нè мрази. Но, Црквата не! Таа не прави разлика. Таа се моли за сите исто, за сите да станат добри.

Затоа, за светата молитва ви кажав дека се нарекува мајка на сите добродетели, бидејќи таа ја донесува во нашата душа најголемата добродетел: љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот.

Слушај што вели божествениот отец Максим Исповедник, кој беше „врвот на теологијата“ во VI век: „сите добродетели му помагаат на човекот да се здобие со љубов кон Бога, но ниту една не е како молитвата“. Поради тоа молитвата се нарекува „мајка на сите добродетели“, бидејќи таа ја достигнува најголемата добродетел – љубовта. Сите добродетели го доближуваат човекот до Бога, но молитвата го соединува. Тоа е како кога би направил врата или шкаф од дрвена плоча, па гледаш како се спојуваат даските кои се по мерка, но не се прицврстуваат сѐ додека не ставиш лепак. Кога веќе ќе ставиш лепак сите делови прават едно. Таква е и молитвата.

Молитвата, не само што го доближува човекот кон Бога, туку и го прилепува за Бога и тој станува еден дух со Него. Големиот апостол Павле вели: „Кој се сврзува со блудница, едно тело станува со неа… А кој се соединува со Господа, еден Дух станува со Него“ (1. Кор. 6, 16 – 17). Ова духовно спојување, соединувањето на човекот со Бога, се остварува по патот на молитвата.

Старец Клеопа