Молитвата е вознесение на умот и срцето кон Бога, Негово созерцание, одважна беседа на тварта со Творецот, побожно стоење на душата пред Него, заборавање на сето она што нѐ опкружува, храна духовна, воздух, светлина и нејзина животворна топлина, очистување на гревовите – благ јарем и лесно бреме Христово.

Молитвата е непрекинато чувствување на сопствената немоќ и душевна ништожност, осветување на душата, предвкус на идните блаженства, блаженство ангелско, небесен дожд кој ја освежува, наводнува и оплодува земјата, очистување и освежување на воздухот во мислата, озареност на лицето, радост на духот, златна нишка која го поврзува созданието со својот Творец, ведрина и срдечност низ сите патила и животни искушенија, светилка на животот, успех во делувањето, достоинство рамноангелско, утврдување во верата, надежта и љубовта. Молитвата е врска со ангелите и светиите.

Молитвата е исправање на животот, мајка на солзите и скрушеност на срцето; поттикнувач на милосрдието; животна сигурност; уништување на стравот од смртта; занемарување на земните скапоцености и желба за небесни богатства; очекување на Оној Кој ќе му суди на сиот свет; сеопшто воскресение и живот во идниот век; настојување за избавување од вечните маки, непрестајно барање за милост од Владиката; жива вода за душата. Молитвата значи отворање на срцето за сите луѓе, со помош на сопствената љубов, симнување на небото во душата, сместување на Пресветата Троица во срцето, бидејќи е речено: „…и ќе дојдеме при него, и живеалиште во него ќе направиме“ (Јн. 14, 23).

Свети Јован Кронштатски