Кога Твојот народ Израилот ќе биде поразен од непријателот, затоа што згрешил пред Тебе, и кога тој ќе се сврти и ќе го исповеда името Твое со молба и молитва во овој храм,

послушај тогаш од небото и прости му го гревот на Твојот народ Израилот и врати го во земјата што си му ја дал нему и на неговите татковци.

Кога ќе се заклучи небото и ќе снема дожд, затоа што народот згрешил пред Тебе, и кога ќе се помолат на ова место, ќе го исповедаат името Твое и ќе се свртат од своите гревови, затоа што си ги понизил,

послушај тогаш од небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот народ Израилот, покажувајќи им го добриот пат по кој треба да одат; и испрати дожд врз Твојата земја, што си му ја дал на народот Свој во наследство.

Ако биде глад во земјата или помор, огнен ветар или гламја, скакулци или гасеници, или ако го притиснат непријателите негови во земјата што ја владее, ако се случи некое зло или некаква болест,

секоја молитва, секоја молба од кој и да било човек, или од сиот народ Твој Израилот, кога секој ќе ја почувствува неволјата своја и тагата своја и ќе ги подаде рацете кон Твојот храм,

послушај од небото, од местото на Твоето живеалиште, и прости и подај му на секого според неговите патеки, оти го познаваш срцето негово, – зашто само Ти ги познаваш срцата на синовите човечки, –

па да се плашат од Тебе и да одат по Твоите патишта во сите дни додека живеат на земјата, што си ја дал на татковците нивни.

Дури и туѓинецот што не е од Твојот народ Израилот, кога ќе дојде од далечна земја поради Твоето големо име, поради Твојата моќна рака и Твојата силна мишка, – кога ќе дојде и ќе се помоли во овој храм, –

послушај од небото, од местото на Твоето живеалиште, и направи сè за што туѓинецот ќе Те призове, та сите земни народи да го познаат Твоето име и да имаат страв од Тебе, како и Твојот народ Израилот, и да знаат, дека овој дом, што јас го изградив, е наречен по Твоето име.

Кога Твоите луѓе ќе излезат во војна против своите непријатели, по патиштата по кои ќе ги испратиш Ти, и кога ќе Ти се помолат, обрнувајќи се кон храмот што го изградив на Твоето име,

тогаш послушај ја од небото молитвата и молбата нивна и направи им го она што таму им е потребно.

Кога ќе згрешат пред Тебе, зашто нема човек што не греши, и Ти ќе им се разгневиш и ќе ги предадеш на непријателите, и тие што ги заробиле ќе ги одведат во далечна или блиска земја,

па кога во земјата, во која ќе бидат заробени, ќе дојдат на себеси, и ќе се свртат и ќе Ти се помолат во своето ропство, велејќи: ,згрешивме, направивме безаконија и неправди’,

и кога ќе се обрнат кон Тебе со сето свое срце и со сета своја душа, во земјата на своето ропство каде што ќе бидат одведени во плен, и кога ќе се помолат, обрнувајќи се кон земјата своја што си им ја дал на татковците нивни, и кон градот што си го избрал, и кон храмот што го изградив на Твоето име, –

тогаш послушај од небото, од местото на Твоето живеалиште, чуј ја молитвата и молбата нивна, и направи го она што им е потребно, и прости му на Твојот народ за она што го згрешил пред Тебе.

Боже мој, очите Твои нека бидат отворени и ушите Твои нека бидат внимателни кон молитвата што доаѓа од ова место!

И сега, Господи Боже, застани во Твоето покоиште, Ти и ковчегот на Твојата сила. Твоите свештеници, Господи Боже, нека се облечат во спасение, и Твоите преподобни да се радуваат во добрините.

Господи Боже, не свртувај го лицето од Помазаникот Свој, присети се на милостите ветени кон Својот слуга Давида!“

Втора книга Летописи (гл. 6. 24-42)