Една жена на виден и истакнат човек, која била мајка на неколку дечиња, повторно забременила. За време на бременоста сѐ било уредно. Пристигнало и времето за раѓање, но се случило нешто многу лошо и несреќно. Жената кренала висока телесна температура до 40 степени, што предизвикало дополнителни и непредвидливи потешкотии.

Меѓутоа, тоа не било најлошото. Се случило нешто уште пострашно. При преглед од најпознатите и најдобрите лекари, на нејзините блиски им била соопштена најгорката вест. Бебето веќе било мртво во уторбата, и на мајката која лежела во безсознание ѝ биле одбројани миговите од животот.

Нејзините блиски испратиле телеграма до отец Јован кој живеел во Кронштад, за што побргу да дојде и да се помоли за нејзиното здравје.

Во доцните вечерни часови пристигнал отец Јован во нивниот дом. Завладеала тишина. Отецот влегол во собата на жената.

Во домот, на сите како да им застанало времето. Поминале тешки минути, не една или две, туку цел половина час. Во еден миг, од спалната соба каде што лежела жената излегол отецот целиот облеан во пот. Длабоко воздивнал и само им рекол на присутните:

– На Господ угодно му било да го воскресне умреното бебе! Лиза ќе роди момче!

Во спалната потоа влегле и лекарите за да ја прегледаат жената. Останале без зборови.

Лекарот кој ја констатирал смртта на бебето и кој рекол дека веќе е започнат процесот на затрујување на крвта на бремената жена, сега бил потполно изненаден. Состојбата на жената била зачудувачка.

При прегледот, бебето било живо и се движело во утробата, а телесната температура на жената веќе била симната на 36, 8 степени. Според нив, најзачудувачко било тоа што тие со сигурност утврдиле дека во утробата на мајката бебето претходно било починато неколку денови, а не некој час или два.

Потоа, веднаш ја породиле жената и навистина таа родила живо и здраво машко дете. Ниту лекарите не биле во состојба да утврдат дека ќе се роди момче.