Преподобниот Серафим Саровски сметал дека молитвата е толку неопходна во живот колку и воздухот. Тој советувал и барал од неговите духовни чеда постојано да се молат и им определил молитвено правило, кое било зачувано под името „Правило на Серафим Саровски“.

„Кога ќе се разбуди од сон и ќе застане на местото наменето за молитва, секој треба да ја изрече оваа спасителна молитва, која Самиот Господ им ја пренел на луѓето, односно „Оче наш“ (три пати).

После тоа „Богородице Дево, радувај се…“ (три пати). И на крај, еднаш Символот на верата.

Откако ќе го изврши ова утринско правило, секој христијанин нека се занимава со својата работа и, додека работи или е на пат, тивко нека кажува: „Господи Исусе Христе, помилуј ме мене грешниот“.

Ако пак наоколу има луѓе, при работата само во умот нека кажува: „Господи помилуј“, и така нека продолжи до пладне.

Пред ручек нека го изврши истото правило.

После ручекот и сѐ до вечерта, работејќи ја својата работа, секој треба тивко да кажува:

„Пресвета Богородице, спаси ме мене грешниот“.

Кога ќе се случи да останеме сами, треба да кажуваме:

„Господи Исусе Христе, според молитвите на Богородица, помилуј ме мене грешниот“.

Одејќи на спиење, секој христијанин треба да го повтори утринското правило, и после тоа, кога ќе се осени со крстниот знак, нека заспие.“

Светиот старец велел дека ако христијанинот се придржува до ова мало правило, како спасителен анкер во брановите на светска суета, притоа исполнувајќи го со смирение, тој може да достигне високо духовно ниво, бидејќи овие молитви се основни за христијанинот.

Првата – како слово на Самиот Господ, дадена од Него како образец на сите молитви, втората е принесена од небото, од Архангелот при обраќањето кон Пресветата Дева, кон Божјата Мајка. И третата ги содржи сите догмати на верата.

Кој има време, нека го чита Евангелието, Апостолот и другите молитви, акатисти и канони. А ако некој се жали дека нема време и сили, без разлика дали е потчинет или е владетел или пак немоќен, мудриот старец сепак советувал да биде исполнувано ова правило ако треба и лежејќи и работејќи, помнејќи го кажаното во Писмото: „Секој, кој ќе го повика името Господово, ќе се спаси“.