Кога првпат го примив монашкиот призив имав шеснаесет години. Призивот стигна додека седев на пристаништето на Светеничкото езеро во Северен Ајдахо. Тоа беше пристаниште на мојот дедо за неговиот летниковец и имав навика да седам на тоа пристаниште со својата Библија и со некои теолошки трудови. Во мислите носев црно расо, бев монах кој живее како пустиник во самотија. Тоа беше она што навистина го посакував. Дури и сонував дека можеби еден ден, кога баба и дедо би умреле, ќе ми ја остават куќата на езерото, таму да живеам и со тоа да се занимавам.

Во меѓувреме, отидов на колеџ и дипломирав, и имав друга кариера, како терапевт; претпоставувам дека во суштина сум ја отфрлил таа идеја заедно со сите свои фантазии од детството.

Еден ден, пред четириесетина години – времето лета – сфатив дека сум несреќен и незадоволен. Никакви врски, никакви пари, дури ни мојата колиба на брегот на Орегон – ништо не ми значеа. Сето тоа беше само багаж, бидејќи чувствував дека во мене постои нешто недовршено, нешто што недостасува. Посакував нешто што ќе ми даде длабоко, вистинско значење.

Во тоа време бев атеист, но знаев дека постои духовна димензија за мене, за секого и за сè. За некои луѓе кои доаѓаа кај мене на терапија, чувствував дека немаат психички, туку духовни проблеми. Всушност не знаев што значи тоа. Но, знаев дека не сум способен да им помогнам во таа област. Не сакав да ги етикетирам луѓето со психолошки етиките за да се осигурам. Тоа ми изгледаше како лоша услуга.

Конечно, поради комплетна фрустрација, зедов осум месеци одмор и отпатував. Имав еден минибус и некоја опрема за кампување, а зедов и една книга со мене. Тоа беше „Сидарта“ на Херман Хесе, тој беше германски автор забранет од нацистите. Сите негови книги, и „Степски волк“ и „Играта на стаклените мониста“ меѓу нив, беа важни во моите млади години на колеџ. Но, ја зедов баш оваа книга бидејќи беше тенка книга за момчето од Индија кое било принц. Заминал во духовно трагање и на крај станал Гаутама Буда. Ја зедов единствено таа книга со себе, бидејќи и самиот бев во духовна потрага и не знаев каде сето тоа ќе ме одведе.

Во тоа време бев зен-будист, така што дел од своето време го поминав во Зен центарот во Сан Франциско. Повеќе време бев сам, живеев надвор од своето комбе, шетав на плажите во Северна Калифорнија и запознавав прекрасни луѓе.

Пред крај на овој пат, кога дојде времето да почнам да размислувам каква одлука да донесам: „Сакам ли да ѝ се вратам на својата работа или не?“, „Сакам ли да ја продолжам кариерата или не?“, случајно влегов во руската православна катедрала Пресвета Богородица во Сан Франциско на неделна литургија. Дотогаш никогаш немав присуствувано на ниедна. Морам да ви кажам дека кога влегов, бев целосно трансформиран, преобразен во друга сфера.

Не разбирав што доживувам. Тоа што ја запознав убавината на катедралата и убавината на литургискиот израз на народното богослужење беше нешто што ме исполни како ништо пред тоа. На крај, не се вратив, станав православен и, конечно, станав монах.

Една од работите кои, како игумен на манастир, ги барам кај некого кој се интересира за монаштво: прво би сакал да го тестирам, да биде кај нас месец или два, и да го запознаам. Ако почувствувам дека тој е некој кој бега од светот, тогаш не е добар кандидат. Ако бегаме од светот, манастирот не е добро место за тоа, затоа што манастирот е микрокосмос на светото. Она што навистина треба да го правиме, она што јас како игумен навистина го барам, тоа е некој кој сака да живее живот исклучиво по Исус Христос, кој гледа на манастирот како на место каде што може цела недела да го прави она што го прави во недела, и не мора да ја дели својата вера. Знаете, како: „Моментално сум на работа и ќе се концентрирам на световната работа, а после в недела и во празничните денови, и на бденијата в сабота навечер, тогаш ќе бидам она што сакам да бидам“. Ако тоа не е доволно и ако вашето срце сака да нурне во обликот на православната духовност која е сосредочена само на Христос во Црквата без да ви оттргнува вниманието, тогаш можеби имате монашки призив.

Уште една работа која ја барам -некој кој ги сака луѓето, бидејќи ако не сакате луѓе, манастирот не е место за вас. Во својата канцеларија во манастирот Семилостив Спас на островот Вашон имам голем број на камења ахат. Секој ахат е со различна големина и со различни бои. Мојот дедо беше геолог и имаше машина во која ги ставаше камењата, овие камчиња кои ги наоѓаше во реката. Ги ставаше таму, ја вклучуваше таа направа, и таа ќе се вртеше во круг и ја вртеше водата внатре. Секојпат кога прекинувачот ќе се поместеше, тие мали сиви или бели каменчиња, се удираа едни од други. Тоа личи на она што ние како Христијани го правиме во Црквата, во нашиот живот во Христа – се гребеме едни од други, се удираме меѓусебе, не ни се допаѓа тоа, понекогаш навистина нè иритира. Но, кога мојот дедо на крај на месецот ќе ја отвореше машината и кога ќе ги извадеше сите камчиња, тие беа убави, и секој различен од другиот. Значи, монашкиот живот е нешто слично на оваа машина, сите се вртиме во водите на крштението. Се удираме меѓусебе, се нервираме, сакаме да имаме подобар игумен или посвет игумен, сакаме нашиот брат да ги извршува послушанијата како што треба, ние би можеле подобро од него, но тоа не е наше послушание. И тогаш, гледај, Исус ја отвора машината, и тоа мало сиво камче какви што бевме сега е овој преубав црвен ахат, или син ахат, или зелен ахат, или бел ахат. Се трансформиравме и се променивме.

Значи, би му рекол на некого, ако тоа е она што го сакате за себе, тогаш монашкиот живот е за Вас.

Игумен Трифун (Парсонс)

Извор-https://svetosavlje.org/monaski-put/