„Особено запомни дека никому не можеш да му бидеш судија. Бидејќи на земјата никој не е во состојба да му биде судија на злосторник пред и самиот да сфати дека и тој е ист таков престапник како и оној што сега стои пред него, и дека можеби баш он е највиновен за неговото злосторство.
Дури кога ова ќе го увиди, тогаш ќе може да биде судија. Колку и да изгледа сето ова лудо, сепак е вистина. Бидејќи самиот јас да бев праведен, можеби сега немаше да има ниту еден злосторник да стои пред мене.
Ако имаш сили да го преземеш злосторството на престапникот кој сега стои пред тебе и кого го осудува твоето срце, тогаш веднаш преземи го и самиот страдај за него, а него ослободи го без осуда.
И, ако дури и самиот закон би те поставил за негов судија, направи го истото, ако тоа некако е возможно, зашто тој ќе замине и ќе се осуди самиот себе многу потешко отколку твојата осуда. А ако замине без чувства за твоите бакнежи и те исмејува, тоа нека не те соблазнува: изгледа, сè уште не дошол неговиот час, но тој ќе дојде во свое време. И, ако не дојде, сеедно е, бидејќи ако не он, наместо него други ќе признаат и ќе страдаат, ќе се осудат и ќе се обвинат самите себе, и правдата ќе биде задоволена.
Верувај во тоа, верувај цврсто, бидејќи во тоа лежи целата надеж и сета вера на светителите“.
Фјодор. М. Достоевски
(Извадок од романот „Браќа Карамазови“)