Овој славен и победоносен светител е роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострадал за Христа, а мајка му се преселила во Палестина. Кога пораснал, Георгиј заминал во војска и во својата дваесетта година се стекнал со чинот трибун и како таков служел кај царот Диоклецијан. Кога овој цар го започнал страшното гонење на христијаните, Георгиј истапил пред него и одважно исповедал дека е христијанин. Заради тоа царот го фрлил во затвор и наредил на нозете да му стават окови, а на градите да му положат тежок камен. Потоа царот наредил да биде врзан на тркало под кое биле поставени штици со големи клинци. И така, додека врзан за тркалото го вртеле, целото тело му се претворило во една голема рана. Потоа го закопале во ров, така што на површината му била само главата и во таква состојба го оставиле три дена и три ноќи. Потоа, со помош на некој магионичар му дале да испие смртоносен отров. Но и покрај сите овие маки, Георгиј непрестајно Го молел Бога и Бог веднаш, на големо воодушевување на народот, го исцелувал и го спасувал Својот маченик од смртта. Кога св. Георгиј воскреснал еден мртовец, тогаш многумина ја примиле верата Христова. Меѓу оние што станале христијани била и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, како и земјоделецот Гликериј, потоа Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осудил свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивнала на губилиштето пред да ја убијат, а свети Георгиј конечно пострадал во 303 година. Безбројни биле чудата што се јавувале на неговиот гроб. Многубројни биле и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнувале и до денешен ден ја барале неговата помош. Сиот разгорен од љубовта кон Господа Исуса Христа, свети Георгиј без никакви тешкотии оставил и напуштил сѐ заради таквата љубов. И чинот, и богатството, и царските почести, и пријателите, но и сиот свет. За ваквата љубов Господ го наградил со венец на невенливата слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. На свети Георгиј му била дарувана сила и власт за да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во маките и неволјите.

Чудото на свети Георгиј со змејот

Св. Георгиј е познат како великомаченик, победоносец и чудотворец. Ова сведоштво не се однесува само на неговиот живот и смртта (со која ја стекнал титулата великомаченик), туку и на чудесата што Бог ги извршил преку него после неговото мачеништво. Историјата на Црквата е преполна со постхумни појавувања на Христовите светии, кои не се јавуваат само како гласници, туку и како заштитници и чудотворци за христијаните што се духовно се борат на земјата.

Избавувањето на принцезата и на градот од пустошот на рептилниот – ѕвер е едно од чудата што му се припишуваат на св. Георгиј.

Постојат повеќе варијанти, но најраспространетата се однесува на градот наречен Силена, близу едно езеро во Либија. Во езерото живеело едно чудовиште, кое различно било опишувано и како змеј, и како џиновска змија или пак како крокодил. Ѕверот им попречувал на жителите на Силена слободно да црпат вода од езерото и често го тероризирал градот. Како пагани суеверните граѓани биле под заблуда и принесувале млади девојки што ги избирале со ждрепка, како жртва на чудовиштето за да престане да го уништува градот. Неизбежно, ждрепката паднала на царската ќерка (идентификувана како Елисавета на неколку руски икони). И покрај молбите на владетелот, неговата ќерка била испратена кон езерото.

Стариот змеј се појавил од водата, подготвен да ја проголта принцезата, кога одеднаш св. Георгиј се појавил на светол бел коњ, наоружан со копје, штит и меч. Творејќи го знакот на крстот и во името на „Отецот и Синот и Светиот Дух“, св. Георгиј го покорил змејот со своето копје, додека неговиот коњ ја газел змијата со своите копита. Св. Георгиј ѝ заповедал на принцезата да го врзе вратот на змејот со нејзиниот појас и го одвел назад во градот. Таму, пред запрепастените граѓани и благодарниот цар, св. Георгиј го убил змејот со сопствениот меч.

Чудесната интервенција на Георгиј довела до преобраќање на целиот град во христијанската вера.

Некои детали од приказната варираат во раскажувањето, што сведочи дека веста за настанот првично се пренесувала усно (најраните писмени забелешки датираат од 11 и 12 век). Во секој случај, главните делови од приказната: принцезата, змејот врзан со појас, криењето на паганите зад ѕидовите на нивниот град, како и самиот св. Георгиј, се појавуваат на многу фрески и икони што датираат од 12 век.

Змејот: чудо, мит или симбол?

Несомнено е дека војникот и маченикот Георгиј постоел, но за современиот ум е непоимлив настанот на убивање на змејот и спасувањето на принцезата. Искушението е дека премногу личи на бајка, но фокусот треба да биде пренесен на симболичното значење на приказната.

Симболизмот на приказната и нејзините икони

Навистина, зад приказната и иконата на св. Георгиј, каде тој го убива змејот, постои силен симболизам. Змејот и змијата се два описа што му се даваат на ѓаволот од страна на св. Јован во Откровението (12, 9). Каква и да е вистинската природа на ѕверот, во најраните писмени сведоштва тој е опишан како змеј, а во најстарите се прикажува како змијолик змеј за намерно да се изобрази ликот на ѓаволот.

Појавата на св. Георгиј, исто така, намерно асоцира на библискиот симболизам. Во Божественото Откровение св. апостол Јован пишува: „И видов, ете, бел коњ, и на него јавач со лак; и Му беше даден венец, и тој излезе како победник, за да победи“ (Откр 6, 2).

Како победоносен војник на светол бел коњ е токму начинот на кој св. Георгиј се прикажува и во писмените и во иконографските претстави на чудото. Иконите на чудото, исто така, честопати прикажуваат како од страна на ангел на главата на св. Георгиј му се полага венец од небото. Некои икони, особено од Грција, го прикажуваат св. Георгиј со лак и стрели близу неговото седло, комплетирајќи ја споредбата со коњаникот од Откровението.

Ова е претставата на иконата што ни го предава чудото на св. Георгиј: маченик што станал победоносен херој. Св. Георгиј е седнат на победоносен бел коњ, зад него се вее црвено платно како знак на мачеништвото, а се прикажува и благословот на Исуса Христа како рака која излегува и благословува. Тој јава напред победувајќи го најпрво ѓаволот во форма на змеј, а потоа се прикажани и жителите што се скриени зад градските ѕидини. Пикнати во својата тврдина, тие плашливо гледаат бидејќи не преку сила се победени, туку по видените чудеса извршени од Бога, се обраќаат во христијанството преку св. Георгиј.

Извор: iconreader.wordpress.com