Почеток на мудроста е Стравот Божји, тоа добро го разбираат оние што се раководат од него, а послушноста кон Бога е почеток на разбирањето, само безумните ги презираат мудроста и поуката.
Сине мој, послушај ја поуката на својот татко и не отфрлај го заветот на својата мајка!
Зашто тоа е милостив венец на главата твоја и украсен ѓердан околу твојот врат.
Сине мој, ако те мамат грешници, не согласувај се и не попуштај;
ако ти речат: „Дојди со нас, да дебнеме крв да направиме заседа, да го пречекаме непорочниот без вина,
жив да го голтнеме како што голта пеколот и целиот да пропадне како кога се слегува во гроб;
да си натрупаме секаков скапоцен имот, да ги наполниме своите куќи со плен;
ти ќе фрлаш заедно со нас жреб, една торба ќе има за сите нас заедно“.
Сине мој, не оди на пат со нив, тргни ја ногата од нивните патеки,
нозете нивни трчаат кон зло и итаат да пролеат крв,
зашто напразно се распнува мрежа пред птици.
Тие прават заседа против сопствената крв, демнат против своите души.
Такви се патиштата на сите лакоми и алчни за туѓиот имот: тоа му го одзема животот на оној што го граба туѓото.
Премудроста говори гласно на улицата, го подига својот глас по плоштадите;
проповеда на главните места на собирите, со смелост, при влезовите на градските порти, ги говори своите зборови:
„До кога, вие глупави, ќе ја љубите глупоста, до кога на потсмевачите ќе им биде мило потсмевањето, до кога безумните ќе го мразат знаењето?
Слушнете ја мојата опомена! Еве, врз вас Го излевам Својот Дух, сакам да ве поучам со Своите зборови.
Јас ве повикав, а вие не послушавте; изговарав зборови, но вие не внимававте;
Вие го отфрливте секој Мој совет и не ги послушавте Моите опомени.
Затоа Јас ќе се насмеам на вашата погибел, ќе се зарадувам на вашата погубност;
кога стравот и ужасот ќе нападнат врз вас како невреме, и кога пропаста ќе ве грабне како виор, кога ќе се навалат врз вас маката и неволјата.
Тогаш ќе Ме викате, но Јас нема да одговарам; Ме бараа лошите, но не Ме најдоа.
Зашто го намразија знаењето и не го примија стравот Господов,
ниту го послушаа Мојот совет и ја презреа секоја Моја опомена.
Затоа ќе јадат плод од своето владеење и ќе се наситат со своите лоши замисли.
Зашто неразумните ќе ги убие нивната упорност, а безумните ќе ги уништи нивната негрижа,
а кој ме слуша Мене, ќе живее спокојно и безопасно, без страв од секое зло.“
Мудри Соломонови изреки (1, 7-33)