Нас не треба да нè загрижува тоа што многу луѓе се согласуваат со ѓаволот, а малкумина Го следат Господа. Па, нели и пченичните зрна се помалку во споредба со каколот. Но, како што земјоделецот знае што треба да прави со огромниот куп какол, така и за Бога мноштвото грешници се ништо. Тој знае што да прави со нив, за Неговото Царство да не доживее ниту потрес, ниту посрамување. Не треба да се мисли дека ѓаволот ќе остане победник, бидејќи привлекол многу луѓе – тој ќе биде поразен од малкумината по број. Човекот ќе разбере дека Бог, Кого тој не Го сакал за Чувар, ќе стане Судија, и тој ќе спознае суров Господар во Оној, Кого не сакал да Го возљуби како нежен Татко.

И така, откако ќе поверуваш во тоа, чувај се од искушенијата (ѓаволот бара кого да погуби заедно со себе). Тој непријател да не те разврати ниту преку оние кои се надвор од Црквата – незнабошци, Јудејци или еретици, ниту преку членовите на Православната Црква, кои живеат лошо: чревоугодници и озборувачи, бесрамници, љубители на претстави, гатачи кои користат ѓаволски гатања, горделивци што живеат во раскош. Општо земено, ќе видиш луѓе кои водат живот што се осудува и казнува од Законот, но немој да ги поддржуваш. Заедничари со добрите луѓе кои лесно ќе ги најдеш, ако самиот станеш таков; заедно љубете Го и почитувајте Го Бога непристрасно, бидејќи целата наша награда е во Самиот Него и во идниот добар и прекрасен живот на кого ќе се насладуваме. Бога не треба да го сакаш како што го љубиш она што го гледаш со своите очи, туку така како што се љуби мудроста, вистината, светоста, справедливоста и сличните доблести кои потекнуваат од Изворот, Кој не познава граници и промени.

Општи со луѓе кои ги сакаат тие доблести, па преку Христос, Кој стана човек за да биде посредник меѓу Бога и луѓето, да се помириш со Господа. Немој да мислиш дека ако порочни луѓе влегуваат во храмовите, тие ќе влезат и во Царството Небесно. Кога ќе дојде времето, ако во меѓувреме не станат подобри, тие ќе бидат одвоени. Угледајте се на добрите луѓе, трпете ги лошите, сакајте ги сите; ти самиот не знаеш каков ќе биде утре оној кој денес е лош. Не сакај ја нивната неправда, туку љуби ги нив самите, за тие да ја возљубат правдата. Нели нам ни е заповедано да го сакаме не само Бога, туку и ближните – на овие две заповеди се темели целиот Закон и пророците. Него може да го исполни само оној кој ќе Го прими во дар Светиот Дух, Кој е еднаков на Отецот и Синот, бидејќи Бог е Троичен и на Бога треба да ја полагаме целата своја надеж. На човек, каков и да е тој, не бидува да се надеваме. Едно е Оној, преку Кого сме оправдани, а сосема друго – оние, со кои заедно сме онеправдани.

Ѓаволот не искушува само преку желбите, туку и преку стравот од понижување, од болки или смрт. Што и да поднесе човек заради Христовото име, во очекување на вечниот живот, ако тој се одржи во искушенијата, ќе добие голема награда, ако пак отстапи пред ѓаволот, ќе биде осуден заедно со него. Но, преку делата на милосрдието, благочестивите и смирени луѓе ќе добијат милост од Бога – Тој нема да дозволи да бидат искушувани Неговите слуги повеќе од нивните сили.

Блажени Августин