Има, пак, некои што зборуваат: „Зошто се словенските книги? Нив, ниту Бог ги создал, ниту ангелите. Ниту, пак, се првоначални како што тоа се еврејските, римските и грчките, кои уште од почетокот се создадени и примени од Бога“.

А други, пак, мислат дека Самиот Бог им ги создал буквите. А не знаат, кутрите, што мислат и зборуваат во однос на трите јазика за кои се зборува во евангелието: „И имаше штица напишана на еврејски, римски и грчки“. Еве, словенски таму немаше, та заради тоа словенските книги не се книги од Бога.

На тоа што да кажеме и што да им речеме на таквите безумни? Да им одговориме како што сме научиле од Светото Писмо, дека сè по ред и сè иде од Бога, а не од некој друг. Бог не го создал најнапред ниту еврејскиот, ниту грчкиот јазик, туку сирискиот, на којшто зборувал Адам, и од Адама до потопот, и од потопот, кога Бог ги раздели јазиците при вавилонската кула, како што е напишано: „Размешани беа јазиците“. И како што се размешаа јазиците, така и наравите и обичаите, и наредбите и законите, и искуствата народни: на Египќаните се падна земјомерењето, на Персијците, Халдејците и Асирците – ѕвездоброењето, гатањето, врачањето, маѓосништвото и секоја човечка вештина; на Евреите, пак – светите книги, во кои е напишано дека Бог ги создаде небото и земјата и сè што е на неа, и човекот, и сè по ред како што пишува; на Елините, пак, им ја даде граматиката, реториката и философијата.

Но пред тоа Грците немаа букви на својот јазик, а ги пишуваа своите зборови со феникиски букви. Така беше многу години. После, откако се појави Паламид, започна од алфа и вита, и им состави на Грците само 16 букви. Кон нив Кадам Милиски додаде уште три букви. Со овие 19 букви пишуваа многу години. После Симонид изнајде и додаде уште две букви, а писателот Епихариј изнајде три букви, и се собраа 24 букви. По многу години Дионисиј Граматик изнајде шест двогласки, после друг – пет, и друг – три за броевите. И така мнозина за многу години, едвај собраа 38 букви. После, пак, кога поминаа многу години, се најдоа по Божја промисла 70 мажи, коишто ја преведоа Библијата од еврејски на грчки јазик. А словенските книги ги преведе, самиот свети Константин, наречен Кирил, и создаде букви за малку години: а оние мнозина, седум души, долги години ги создаваа нивните букви, а седумдесет – преводот. Затоа словенските букви се посвети и подостојни за почит, зошто свет маж ги создал, а грчките – елинските многубошци.

Ако, пак, некој рече дека не ги донаправил добро, бидејќи и сега се доправаат, и на тоа ќе одговориме: и грчките, исто така, многу пати се поправани од Акила и Симах, а потоа и од мнозина други. Оти полесно е да се поправаат отпосле, отколку за првпат да се создадат.

Ако ги запрашаш, пак, грчките книжевници: „Кој ви ги создал буквите и превел книгите, и во кое време?“ – Тоа малкумина од нив и ретко го знаат. Ако, пак, ги запрашаш словенските азбучници: „Кој ви ги создал буквите и кој ви ги превел книгите?“ – Сите знаат и одговарајќи ќе ви речат: „Свети Константин Философ, наречен Кирил, тој нам ни ги создаде буквите и книгите ги преведе, заедно со брата си Методија“. И ако прашаш во кое време, тоа сите го знаат и одговарајќи ќе речат, дека тоа станало во времето на грчкиот цар Михаил, бугарскиот кнез Борис, на моравскиот кнез Растица и на блатенскиот кнез Коцељ – во 6363 година од создавањето на светот. Има и други одговори, кои на друго место ќе ги кажеме, зашто сега нема време.

На таков начин, браќа, Бог им дал разум на Словените, Кому нека е слава и чест, и власт и поклонение, сега и секогаш во бескрајните векови. Амин!

Црноризец Храбар

(Извадок од „О писменех“ – IX век)