Вистинскиот христијанин е создаден од вера и љубов кон Христа. Гревовите ни најмалку не нѐ спречуваат да бидеме христијани, како што вели и Самиот Спасител. Тој, заради Своето големо човекољубие, рече дека не дошол да ги повика праведниците, туку грешниците на покајание, зашто поголема е радоста на Небесата за еден грешник што се кае, отколку заради останатите деведесет и девет праведници. Расудувајќи на овој начин, христијанинот треба да се надева, да се радува и да не го прифаќа погубното очајание. Овде е потребен штитот на верата.
За оној што го љуби Бога, гревот не е ништо друго освен една непријателска стрела, која е испалена во духовната борба. Вистинскиот христијанин е воин кој на пат кон својата небесна татковина се бори против невидливиот непријател. Според зборовите на Апостолот, нашата борба не е против крвта и телото, туку против началствата и властите, и против господарот на темнината во овој свет, против поднебесните духови на злобата (Ефес. 6, 12).
Расипливите световни желби нè одделуваат од нашата татковина. Навиката и склоноста кон нив како да ја облекуваат душата во гнасни фустани. Ова Апостолите го нарекуваат надворешен човек. Патувајќи низ овој живот и барајќи помош од Бога, треба од себе да ги соблечеме овие грди фустани и да се облечеме во љубовта на идниот век, и на тој начин да спознаеме колку сме близу или далеку од нашата небесна татковина. Сепак, невозможно е тоа набрзина да се направи. Во таквите моменти, човекот треба да го следи примерот на болните, кои сакајќи исцеление постојано трагаат за соодветните лекови.
Св. Герман Аљаски