„Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели.
Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте;
странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте“. Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: „Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор, и не Ти послуживме?“
Тогаш ќе им одговори и рече: „Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле“.
И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен“. (Мат. 25, 41-46).
Тој ги испраќа овие, од левата страна, во огнот што е подготвен за ѓаволот. Зашто, како што демоните се бесчувствителни, сурови и злобни кон нас, така и оние кои се уподобуваат на нив и се проклети со своите дела, ќе ја заслужат истата казна. Забележете дека Бог не го подготвил огнот за луѓето, ниту нам пеколот, туку за демоните; и јас сум оној што самиот се удостојува за адот. Внимавај, о човеку, и разбери, дека овие луѓе не се казнуваат како блудници, или разбојници, или како крадци и извршители на која било друга неправда, туку единствено затоа што не го правеле доброто. И навистина, ако добро ги размислите нештата, крадец е оној кој има многу и не дава милостина, па дури и ако никому отворено не му наштетува. Бидејќи сè што е повеќе од неговите потреби, тој го украл од оние кои се во нужда и кои притоа ништо не добиле од него. Зашто ако тој го споделеше вишокот со нив, тие немаше да бидат во немаштија. Но, сега, бидејќи тој ги заклучил овие нешта и ги задржал за себе, поради оваа единствена причина сиромашните и гладните се во тешка положба. Затоа, оној што не дава милостина е крадец и разбојник. Тој неправедно постапува со сите оние на кои можел да им помогне, а не им помогнал. И поради оваа причина тој и оние што се како него, ќе отидат во вечните маки – во маките кои никогаш не завршуваат; а праведниците ќе влезат во вечниот живот. Зашто, како што светиите имаат постојана радост, така и неправедните имаат постојано страдање, без разлика на бесмислиците на Ориген, кој вели дека маките во пеколот имаат крај и дека грешниците нема да бидат казнети засекогаш, туку ќе дојде време кога тие ќе влезат при праведниците, бидејќи ќе се очистеле преку страдањето во адот. Ориген овде е јасно побиен од Господа кога зборува за вечните маки и кога праведниците ги споредува со овците, а грешниците со козите. Зашто, како што козата никогаш не може да стане овца, така и грешникот никогаш не може да биде очистен и да стане праведен после Страшниот суд.
Нахрани го Христа, Кој е гладен за нашето спасение.
Ако му даваш храна и пиење на оној кој е гладен и жеден за поука, ти си му дал храна и пиење на Самиот Христа. Зашто Христос е помеѓу христијаните, и верата се негува и се зголемува преку учењето.
Ако видиш дека некој се претворил во туѓинец и не ја познава својата небесна татковина, згрижи го на некое време, па кога ти ќе влегуваш во рајот, одведи го и него со себе.
Ако некој ја фрли облеката на бесмртноста што ја добил при крштението, а сега е гол, ти потруди се да го облечеш.
Ако некој е слаб во верата, како што вели св. ап. Павле (Рим. 14, 1), ти помогни му.
Посети го оној кој е затворен во мрачниот затвор на ова тело и дај му совет, кој ќе биде светлина за него.
Исполнувај ги, и телесно и духовно, сите овие шест видови на љубов и милосрдие, бидејќи ние сме составени од душа и тело, и затоа овие дела на љубовта би требало да се применуваат и на двете човечки компоненти.
Блажени Теофилакт Охридски