За многу луѓе, всушност, религијата е еден вид борба, страв и вознемиреност. Затоа многумина ги сметаат „религиозните“ луѓе за несреќни, бидејќи гледаат во каква мизерна состојба тие се наоѓаат. И навистина е така. Ако човекот не ја разбере и не ја доживее длабочината на религијата, тогаш религијата станува болест, и тоа страшна болест, толку страшна што човекот ја губи контролата врз своите постапки и останува без сила и волја, и се исполнува со вознемиреност и безспокојство, бидејќи е воден од злобниот дух.

Таквиот човек се поклонува, плаче, повикува, навидум се смирува, а всушност сето ова смирение е сатанско дејствие. Некои вакви луѓе ја доживуваат религијата како еден вид пекол. Во црквата се поклонуваат, се крстат, велат: „Ние сме грешни и недостојни“, а штом ќе излезат надвор, ако некој малку ги вознемири, почнуваат да ја газат и хулат светињата. Јасно се гледа дека станува збор за демонска состојба.

Христијанската религија, всушност, го менува човекот и го лекува. Но, главниот услов за човек да ја разбере и спознае вистината е смирението. Себичноста или себељубието го помрачува човечкиот ум, го збунува и го води во заблуда и ерес. За човекот е многу важно да ја разбере вистината.

Во древно време, луѓето живееле примитивно: немале куќи или нешто друго. Тие се криеле во пештери без прозорци и го затворале влезот во пештерата со помош на гранки и камења за да го спречат ветерот. Не разбрале дека надвор владее животот и дека надвор има воздух. Во пештерата човекот се истрошува, се разболува, умира, а надвор оживува. Во состојба си да ја разбереш вистината? Тогаш си на сонце, на светлина. Ја гледаш сета величина на Божјиот свет. Во спротивно си затворен во темна пештера. Има светлина, но има и темнина. Што е подобро од двете? Што повеќе претпочиташ: да бидеш благ, смирен, спокоен, во тебе да царува љубовта или да си нервозен, раздразлив и да се препираш со сите? Без сомнение, љубовта е највозвишена. Нашата религија ги содржи сите овие добра. Таа е самата вистина. Но многумина, за жал, се приклонуваат кон нешто друго.

Старец Порфириј Кавсокаливит