Тука е време да се забележи првичната разлика помеѓу христијанскиот светоглед и она што владее со умовите денес.

Единствено христијанството ја познава идејата за прогресот; претходно било многу лошо, било и „старо“, но еве, наеднаш блесна зората на обновата на целата твар.

Светот на рационализмот, просветителството, светот на позитивизмот и хедонизмот од последните векови, иако верно се поклонуваа на идејата за напредокот, всушност, главно, не го гледаа и не го признаваа прогресот.

Не разбирајќи го единствениот важен прогрес во пробивот од Стариот завет кон Новиот, нашиот век ја замени големата идеја на „Новото“ за разни мали „подобрувања“. Па така, имаме прогрес само во техниката на војувањето, во експлоатацијата на земјата и „човечките ресурси“, и се разбира, имаме видливи подобрувања во начинот на живот и во грижата за телото…

„Дали културниот прогрес си поставува такви задачи, како што е уништувањето на смртта? Знам дека не си поставува, затоа и самиот не треба премногу високо да се рангира“ – вели Владимир Соловјов во своето завештание.

Современиот свет претпоставува дека, во принцип, сè било отсекогаш добро. Во космичката хармонија – сè е во ред и поредок, само недоволната просветеност на луѓето е пречка за сè да биде вклучено во класификацијата на „универзалните човечки вредности“.

Главното е дека иако нема Творец, сепак човекот е создаден за среќа, како птицата во лет. (Според нивното верување човекот е создаден од вселената, а не од Бога!). И секоја религија, секоја филозофија и политика имаат должност да ги оправдаат претензиите на човекот за неговото право на среќа.

Радикалните атеисти (егзистенцијалисти), кои тврдеа дека во светот нема разум, па затоа блесокот на самосвеста кај човекот е страшна и болна грешка на бесмислената вселена, се прогласени за застарени и несовремени, исто како и христијаните.

Во универзумот царува еволутивно подобрување: животниот стандард мора да се зголеми не само во овој живот, туку и во идниот.

Оттука и барањето за масовна свесност до христијанството: „Утешете нè, кажете ни дека можеме да живееме според стандардите на потрошувачкото општество, можеме секојдневно да го исповедаме практичниот материјализам, и заради тоа Исус заедно со Буда ќе нè воведат, по разделбата од телото, во побогати, поубави и посреќни светови. Дозволете ни без никаква иронија да ја испееме песната на Борис Гребеншчиков: „Буда шета по Голгота и извикува: Алаху акбар!“

И пред сè – избавете нè од неопходноста да мислиме, да избираме, и воопшто свесно да растеме во духот.

Ние не знаеме ништо за светот на религиите – затоа за нас сите се еднакви, затоа сме и многу толерантни. Вие, богословите, не нарушувајте ни го ентузијазмот, дозволете ни да се сметаме за христијани, без разлика на нашиот окултизам. Не спречувајте нè да се сметаме себеси за духовни („езотерични“) христијани, иако само еднаш го имаме прелистано Евангелието и никогаш го немаме исполнувано.

Овде можам да кажам само едно: ние можеме да ги избираме духовните патишта, можеме да ги следиме или да не ги следиме духовните закони.

Но, самите овие закони се независни од нашата волја, како и законите на астрономијата. „Еве, денес ти предложив живот и добро, смрт и зло. Избери го животот, за да живееш ти и твоето потомство“ (5. Мој. 30, 15-19) – вака им го предал Мојсеј на луѓето законот на Создателот.

Ние не сме во состојба да му предложиме на Бога маршрути по кои би сакале да одиме. Тој ни го осветли духовниот пат на кој можеме Него да Го откриеме, и нè предупреди за тоа, во кои случаи Царството Божјо нема да биде наследено од луѓето.

Еве во што е разликата меѓу апостолите и современите богостроители; апостолите знаеле дека „целиот свет лежи во злото“, и се радувале што Господ открил можност за нечие спасение. (1. Кор. 9, 22).

Современиот свет е убеден во тоа дека сите космички патишта се отворени и добри, дека во религиите нема ништо опасно, дека сите луѓе ќе бидат спасени, па затоа го доживуваат како скандал евангелското сведоштво дека човечките патишта неповратно ќе бидат поделени.

За разлика од напредната идеологија на нашето време, христијанството е религија на спасението.

Тие, пак, го спасуваат оној на кого повеќе не може да му се „помогне“.

Спасуваат онаму каде што можеме да се ограничиме на „совети“.

Тие нè спасуваат од недостатоци.

Но, тие не спасуваат од смртта.

А христијанството е Новиот Завет.

Тоа значи дека претходната слика за религиозноста се покажа како недоволна и беспомошна.

Тоа значи дека надвор од Новиот Завет луѓето не можеле да се приближат до вистинскиот Бог – затоа Господ не усовршил ниту една постоечка филозофска традиција, туку дошол Самиот, и во Својата крв, а не на папирус, склучил со нас Нов Завет.

Згора на тоа, откако на луѓето им беше даден Новиот завет, претходниот закон станал не само застарен, туку, благо кажано, тој станал препрека. Апостол Павле вели: „Пазете се од кучињата, пазете се од злите работници, чувајте се од лажно обрезување. Јас сум од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по закон – фарисеј; по правдата на законот – непорочен. Но, она што беше за мене придобивка, поради Христа го сметав за штета… и дека сè друго е штетно, поради превасходството на познавањето на Христа Исуса, мојот Господ, поради Кого се откажав од сè и сето друго го сметам за отпад, само за да Го придобијам Христа. (Фил. 3, 2-8).

Но, ако Апостол Павле го вели ова за старозаветниот закон – тоа уште повеќе се однесува за паганството. Колку и да било потенцијално светло пред Христа, сега тоа е ѓубре и штета.

Христијаните честопати се нарекуваат сурови луѓе поради нивното сведоштво дека надвор од Христа нема спасение. Замислете си да се вклучи Службата за цивилна одбрана и да објави: „Тревога, граѓани! На нашиот град е извршен нуклеарно-ракетен напад. За десет минути проектилите ќе бидат над нас. Во вашата област, најблиското засолниште се наоѓа на тоа и тоа место… Кој ќе успее да стигне до него, има шанса да се спаси…“. Кажете ми, кој е суров во оваа ситуација: портпаролот на цивилната одбрана или оној што го наредил нуклеарниот напад врз градот?

Свети Јован Златоуст еднаш им се обратил на родителите, кои се вознемирувале од проповедите на монасите. Извинете, рекле, но децата кои растат, наместо да им помагаат на татковците во трговијата или занаетот, се собираат во храмот, ги слушаат монасите, па дури и одат во манастири… Златоуст предлага споредба: ако некој ноќе ви ја запали куќата, па ако некој случаен минувач влезе во неа, и почне да чука по сите врати, и да ги буди луѓето и да ги принудува да побегнат од огнот – кого би го обвиниле за ноќното вознемирување? Потпалувачот или спасителот? Така, ако во нашите градови би можел да си ја заштитам својата душа од огнот на гревовите, немаше да има потреба од манастири. Не беа монасите тие што со гревови ги запалија вашите градови. Ако тие ги учат вашите деца да се заштитат од гревот, во што е нивната вина?

Смртта е расфрлана во светот и во вселената. Ние самите не направивме ништо за нејзино надминување. На нас ни е даден лекот против неа, „лекот на бесмртноста“ – противотровот. Вечниот Бог стана Човек, за да нè привлече кон Себеси и така да нè заштити од последиците на нашите беззаконија. Еве ја чашата на бесмртноста. Тоа е чашата на животот. Дојдете и вкусете…

Дали е суров лекарот што ги уверува пациентите дека без лекот што го препишува тие нема да преживеат?

Дали е суров проповедникот кога вели дека надвор од Причеста, човекот нема да го најде Животот?

Во оваа ситуација, воопшто не е очигледно дека разликите помеѓу христијанството и паганството можат да се надминат.

Христијанството вели: „Премини низ болката на покајанието и стреми се кон Бога“.

Паганството нè уверува дека не ни треба ниту ова, ниту она, туку само да ја „прошириме нашата свест“. За таа цел се погодни и наркотиците, и ЛСД и „ребрдингот“ – модерна техника за регулирање на дишењето, при која во мозокот, доведен до кислороден глад, се појавуваат халуцинаторни визии на „рајски планети“ (понекогаш, напротив, овој ефект ја нуди техниката на хипервентилација на мозокот, па чувството на еуфорија се постигнува преку заситеност со кислород). А, ако треба да сретнеме некого, тоа воопшто не е со Бога, туку едноставно со некој од космичките жители…

Ѓакон Андреј Кураев