Нашиот ангел чувар е особено радосен кога правиме добри дела – дела на милосрдие и дела на љубов кон ближниот, зашто пред судот Божји со ништо друго ние не можеме да бидеме оправдани. Таму потполно ќе дознаеме колку се драгоцени и спасителни добрите дела. Нашата душа таму ќе се радува на секое добро, кое од нас е направено за време на овој краток живот.

Среброљубецот нема духовен спокој, тој дење и ноќе е занесен со мислата за умножување на богатството. Тој се плаши од негово губење. И кога поради некои околности се лишува од некоја чест, иако и самиот е мал и ништовен, тој сепак неискажливо страда и не наоѓа спокој, па бива измачуван од демонската страст, за која св. Јован Златоуст рекол дека е лута болест. На судот Божји, среброљупците ќе бидат судени како идолопоклоници, зашто наместо на Бога, тие му се поклониле на златното теле.

И честољубието, исто така, е ненаситна страст. Колку повеќе човекот е почитуван, толку повеќе посакува да ја има таквата почит. Кога во некого ќе види надмоќност, тогаш се јадосува и се мачи како да е повреден. По преминувањето од овој привремен живот во вечниот, тој, како туѓ на Бога и на Неговото Евангелие, како усрден исполнител на волјата на својот учител, на гордиот ѓавол, ќе ги наследи вечните маки. Такви мачни последици предизвикуваат и другите груби страсти: пијанството, сластољубието, и останатите.

Човекот, поради привремените задоволства, си подготвува тажна иднина на самиот себе, тој запаѓа во предвремена старост и во рана смрт, а потоа и во вечна осуда.

Не гледајќи на таквите погубни последици, кои произлегуваат од страстите, луѓето на денешниот свет, за жал, си го заработиле следново: секој има свој мачител, од кого не е возможно да бидат избавени на поинаков начин, освен преку срдечна молитва кон Господа, преку искрено покајание и преку целосно напуштање на гревовните навики.

Старец Арсениј Минин