Во моментите на тажни и несреќни чувства, треба да се има на памет Божјата љубов кон нас и Неговата грижа за нашето спасение, зашто според Светото Писмо: „во Царството Божјо ќе влеземе само преку многу маки“ (Дела. 14, 22). Токму заради тоа вие чекорите на тешкиот пат, на патот кој ќе ве одведе во вечниот живот.

Излејте ја пред Бога тагата на вашето срце, покажувајќи покорност пред Неговата Света волја, зашто Он тогаш, преку Своето Милосрдие, ќе го испрати мирото на утехата, а кога Неговата волја ќе реши дека конечно сте добиле некаква полза, тогаш сосема и ќе ве ослободи од сите маки и страдања.

Сите светии и од Стариот, но и во Новиот Завет, имале високо смирение, сметајќи се себеси за земја и пепел, т.е. како последни и најлоши од сите. И вие обидувајте се да ги следите во нивниот пример. Какво добро и да правите, знајте дека тоа не е заради вашата сила, туку е со Божја помош. Кога на тој начин ќе се смирувате себеси, тоа ќе ви стане навика.

Секогаш треба да си спомнуваме на своите претходни гревови, зашто само така ние ќе се смириме. Апостол Павле, и покрај сите големи дарови, постојано памтел дека е грешник. „Христос Исус дојде во светот за да ги спаси грешниците, меѓу кои првиот сум јас“ (1 Тим. 1, 15).

Иако добиваме прошка на гревовите после исповедањето, по разрешувањето од духовниот отец и преку соединувањето со Светите Тајни Христови, секогаш треба да паметиме дека сме грешници, чие спасение е Христова заслуга. Исто така, потребно е да знаеме дека сето она што е високо во очите на луѓето, пред Бога претставува обична мерзост, и дека Господ погледнува кон смирените, а на гордите постојано им се спротивставува.

Преподобен Макариј Оптински