Ако човекот во својот мисловен дел секогаш би се држел до здравомислие, а во дејствителниот до благоразумност, тогаш во животот би среќавал малку случајности непријатни за неговото срце и според тоа би го имал најголемиот дел од среќата. Но, мисловниот дел ретко себеси се држи како што му доликува, се препушта на мечтаење и на расеаност, а дејствителниот пак, се отклонува од својата нормална насоченост, се занимава со непостојани желби, поттикнати не од потребите на природата, туку од туѓи и неприродни страсти. Затоа, сè додека тие делови се наоѓаат во таквата состојба, срцето ќе нема спокој и нема да може да го има.
Срцето најмногу го тиранизираат страстите. Кога би ги немало страстите, ние и понатаму би се среќавале со непријатности, но тие никогаш не би го измачувале срцето така како што страстите го измачуваат. Колку гневот го пече срцето! Како го растргнува омразата! Како го гризе зависта! Колку тревоги и маки му причинува незадоволената или посрамената суета! Како го задушува грижата кога страда достоинството! Ако погледнеме построго, ќе најдеме дека сите наши тревоги и болки во срцето потекнуваат од страстите. Тие зли страсти, кога ќе ги задоволиме, ни пружаат радост, но кратковремена; а ако не ги задоволиме туку, напротив, претпочитаме нешто што им е спротивно, ни причинуваат долготрајна и неподнослива болка.
Така, може да се види дека нашето срце е корен и центар на животот. Тоа, овозможувајќи ни да разбереме која е добра, а која е лошата состојба на човекот, ги поттикнува на дејствување другите сили и по завршената активност повторно ги прима во себе, за засилување или за ослабнување на она чувство преку кое се одредува состојбата на човекот. Би можело да се каже дека на срцето би требало да му се даде целосна власт во управувањето со животот, како што тоа, впрочем, се случува кај некои во потполност, а кај други во помала мера. Би можело да се каже и дека срцето, по своето естество, било предназначено за такво нешто, но надошле страстите – и сè поматиле. Во присуство на страстите, срцето лажно ја покажува нашата состојба и впечатоците не се такви какви што би требало да бидат, и вкусовите се изменети, и дејствувањето на другите сили не се насочува на потребната страна. Затоа сега важи законот – држете го срцето во рацете и подложувајте ги неговите чувства, вкусови и склоности на строга критика.
Кога некој ќе се очисти од страстите, нека ја препушти својата волја на срцето. Но, додека владеат страстите, препуштањето на волјата на срцето значи самите отворено да се осудиме на секакви погрешни чекори. Најлошо постапуваат оние што како цел на својот живот ги поставуваат сластите на срцето и насладувањето – како што велат – со животот. Зашто човекот, колку посилно ги чувствува плотските и сетилните сласти и насладувања, толку повеќе пропаѓа во груба сетилност и се спушта под онаа црта која го одвојува од другите живи твари.
Св. Теофан Затворник