Постојат три духовни места во кои влегува умот, менувајќи се самиот во себе. Тоа се: природното, противприродното и натприродното.

Кога умот ќе навлезе во своето природно место, тогаш наоѓа дека тој е виновник за лошите помисли и дека е причина за страстите. Тогаш ги исповеда своите гревови пред Бога.

А кога се наоѓа во противприродно место, тогаш ја заборава правдата Божја и војува против луѓето, оправдувајќи се себе дека тие го навредуваат.

Кога, пак, ќе се издигне на натприродното место, тогаш ги наоѓа за себеси плодовите на Светиот Дух, за кои говори светиот апостол Павле во своето Послание до Галатјаните, велејќи: „Плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста“ (Гал. 5, 22-23). И знае дека, ако ги претпоставува телесните грижи, тогаш нема да може да престојува таму. И, ако излезе од тоа место, тогаш паѓа во грев и во сите други жалосни работи, можеби не набргу, но во свое време, како што тоа ѝ е познато на Божјата правда.

Благодатта на Светиот Дух е една и неизменлива, но таа во секого дејствува како што сака.

Како што дождот откако ќе се излее на земјата, во растенијата ги поддржува и ги храни нивните својства: во слатките – сладоста, во горчливите – горчливоста, така и Божјата благодат, кога ги вдахновува верните, ги удостојува со своите дејства, сообразно со нивните добродетели, а таа самата во себе не се изменува.

За оној што е гладен за Христа – таа бидува храна, за оној што жеднува за Него – слатко пиење, за оној на кого му студи – топла облека, за преуморниот – одмор, за оној што се моли – уверување дека молитвата му е услишана, а за оној што плаче – утеха.

Затоа, кога ќе ги чуеш зборовите од Светото Писмо за Светиот Дух, дека застанал над апостолите во вид на огнени јазици (Дела 2, 3), или дека влегол во пророкот (1. Цар. 10, 3), или за тоа на кој начин дејствува (1. Кор. 12, 11), или дека бидува натажуван (Ефес. 4, 30), или дека гасне (1. Сол. 5, 19), или дека се возмутува (Дела 17, 16), или дека други се исполнети со Светиот Дух (Дела 2, 4), тогаш не мисли за Духот дека претрпува некакво раздробување, или претворање, или некакво изменување, туку верувај, како што веќе рековме, дека е Он непреложен, неизменлив и сесилен.

Затоа и во Своите дејствувања Он останува Еден – каков што е, и на секого божествено Му го подарува она што му е најпотребно. Он слично на сонцето, потполно се излива над крстените, но сепак, секој од нив се просветлува во одредена мерка – оние што ги намразиле страстите ги ослободува од нив, а доколку се покаже дека тие нив ги засакале, тогаш до таа мерка тие и се помрачуваат.

Свети Марко Подвижник