Не стремете се кон богатството, не барајте ништо од оваа земја. Дајте ја душата во адот – и ќе бидете богати. Живејте чесно и запаметете: овде немаме постојан град, туку го бараме оној што доаѓа.

О христијани! Живееме суетно и не мислиме на вечноста, а треба многу, многу за неа да размислуваме. Пред лицето на Господа одете и запаметете: секоја ваша добра постапка е запишана од ангелот чувар кој ви е даден од Господа, а секој грев – од мрачните сили. Ништо не треба да се чини тајно, бидејќи тоа некогаш ќе стане јавно. Покајте се, додека не е доцна, смирете се и спасувајте ја душата своја. Читајте Евангелие, читајте ги тие зборови и нека ви бидат јасни. Стремете се Духот Божји да биде во вас, за да бидете Христови ученици: Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши.

Треба да ги љубиме луѓето со дела и вистина, а не само со зборови и преку устата. Треба да се научите да ги љубите луѓето како самите себе, односно кон другите да покажете сепростувачка љубов и грижа, каква што на себе секојдневно си пружате. Внимавајте, не правете милостина за да бидете видени. Не фалете се како фарисеите. Секојдневно правете милостиви дела. За вечноста е пропаднат оној ден во кој не си направил милостина, пропаднат е во однос на твојата душа.

Милостината ни помага да добиеме благодат од Светиот Дух. Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани. Милостината може дури и од адот да ја извлече душата на грешникот. Ангелот на оваа добродетел стои простум пред Престолот Господов и се застапува за оној што направил милостина. Не грижете се за утрешниот ден, зашто утрешниот ден самиот ќе се погрижи за себе, на секој ден му е доволна неговата грижа.

На секој ваш ден гледајте како да е последен во вашиот живот. Секогаш паметете дека Господ гледа на вас, го гледа секое ваше движење, секоја мисла и секое чувство. Замразете го гревот како најголемо зло. Гревот е породен од ѓаволот. Гревот нѐ фрла во геената на огнените страдања, нѐ оттргнува од Господа Бога, Кој е Еден во Троица.

Старец Захарија од Троице-Сергеевата Лавра