„Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе.“ (Јован 6, 53). Ете, колку е голема загубата од лишувањето од Чашата Христова!

Знам, многумина ќе ми речат: „Јас сум недостоен и грешен и затоа на се осмелувам да пристапам и да се причестам со божествените Тајни“. Убаво е кога за себе велиш дека си недостоен грешник, бидејќи, кој всушност може да биде целосно достоен? „Никој не е достоен од врзаните со плотски похоти и сласти да пријде, или да Ти се приближи Тебе, Цару на славата“, се вели во една од молитвите на Светата литургија.

Но лошо постапуваш ако се отстрануваш од Светата причест, бидејќи во Псалмите пишува: „Оние, што се оддалечуваат од Тебе, пропаѓаат.“ (Псал. 72, 27).

Нашата недостојност е двојна: имаме недостојност на оние кои искрено се каат, но имаме и недостојност на оние кои неискрено се каат. Оние, кои искрено се каат, според Христовите зборови се удостојуваат со божествената Причест за простување на гревовите: „Здравите немаат нужда од лекар, а болните.“ (Матеј 9, 12). Оние, кои неискрено се каат, недостојни се за божествената Причест, бидејќи е напишано: „Светињата не ја давајте на кучињата“ (Матеј 7, 6).

А кој е тој што неискрено се кае?

Тоа е оној кој ги крие своите гревови пред црковниот пастир или ги открива, но не жали за тоа што го направил; или пак, можеби и жали, но не одлучил цврсто во своето срце и не дал завет дека повеќе нема да се враќа на претходните гревови, туку сè уште има намера да продолжи да ги прави. Таквиот е недостоен за Светата Причест и ако пристапи, за осуда ќе јаде и ќе пие!

А оној што искрено се кае, жали заради своите гревови, и донесува непоколеблива одлука дека со Божја помош, на секој начин ќе се чува од гревот. Таквиот, според Божјата милост се удостојува за божествената Причест, па нека биде и сосема недостоен.

Во житието на преподобна Марија Египетска пишува дека била голема грешница и дека Божјата благодат дури и не ѝ допуштала ниту да влезе во Божјата црква, за што подоцна таа самата му раскажувала на преподобниот Зосима. Но кога таа недостојна грешница, во своето срце пред иконата на Пресвета Дева Богородица донела цврста одлука и дала ветување дека повеќе нема да се враќа на гревот, не само што можела слободно да влезе во црквата, туку истиот ден се удостоила и да се причести со светите Тајни Христови. Ете, погледнете! Таа уште не стигнала ниту да направи ништо добро за своите гревови, уште не стапнала на трновитиот пат на пустинските подвизи, едвај дали поминал и еден единствен ден откако расчистила со своето грешно живеење, а повеќе не била лишена од Чашата Господова, зашто нејзиното покајание било искрено, а не лажно.

Сличен расказ постои и во Прологот. Еден епископ го известиле дека две жени паднале во грев против седмата Божја заповед. Тој се помолил на Бога да му ја открие вистината и им наредил да се подготват следниот ден за да се причестат. Кога утрината го причестувал народот, лицата на едните кои се причестувале се покажувале светли, а на другите темни. Кон светата Причест пристапиле и тие две жени, и епископот видел дека и нивните лица се светли, а кога се причестиле, нивните лица засветлиле како сонце. Бидејќи епископот се чудел на ова што го видел, му се јавил ангел и му рекол: „Вистина ти кажаа за гревот на овие жени, но тие се покајаа, го исповедаа својот грев и дадоа цврсто ветување дека повеќе нема да паѓаат во него. Бог им ги прости гревовите и ги удостои со таква благодат, каква што ти виде!“

Затоа, никој нека не се лишува од Чашата Господова: само искрено покај се и вети во своето срце дека повеќе нема да се враќаш на претходните гревови. А тогаш, иако си недостоен, надевај се на Божјата милост која гревовите на сиот човечки род не можат да ја надвладеат и пристапи кон Чашата Христова. Пристапи со страв, но и со надеж во Божјото човекољубие, и Светата Причест ќе ти биде за прошка на гревовите!

Св. Димитриј Ростовски