Еден крал, кој никогаш не верувал во Божјата добрина, имал роб кој во секоја околност говорел: „Кралу мој, немојте да бидете обесхрабрени, бидејќи сѐ што прави Бог е совршено. Тој не прави грешки.“
Еден ден кралот отишол на лов и по патот бил нападнат од диво животно. Неговиот роб успеал да го убие животното, но не успеал до толку да го сочува кралот за овој да не го изгуби својот прст. Налутен, и без трошка благодарност што му бил спасен животот, кралот прашал: „А дали е Бог добар? Ако е добар, јас не би бил нападнат и не би го изгубил прстот.“
Робот му одговорил: „Кралу мој, и покрај се, јас само можам да ви речам дека Бог е добар и Тој знае зошто тоа се случило. Сѐ што прави Бог е совршено. Тој никогаш не греши.“
Бесен поради ваквиот одговор, кралот наредил да биде заточен неговиот роб.
По некое време кралот отишол на лов, но овој пат бил сам. Го фатиле некои дивјаци кои ритуално жртвувале луѓе. На самиот жртвен олтар забележале дека нивниот плен нема еден прст.
Согласно со нивните обичаи, само целосно здрава личност, со сите свои делови и органи, може да биде понудена на боговите. Кралот без прст бил сметан за лоша жртва за нивните богови. Поради тоа тие го ослободиле кралот.
По враќањето во палатата кралот наредил да бидее ослободен робот.
Го примил радосно и рекол: „Бог навистина беше добар спрема мене! За малку ќе ме убиеја паганите, но среќа што немав еден прст, заради тоа бев ослободен. Но, имам едно прашање: Ако Бог е толку добар, зошто дозволи да те ставам тебе во затвор?“
Робот одговорил: „Кралу мој, да дојдев со тебе на лов, ќе ме жртвуваа мене, бидејќи јас не сум без прст. Запомни, сѐ што прави Бог е совршено. Тој никогаш не греши! Па, за да не би дошол со тебе на лов, ти нареди да бидам ставен во затворот.“
Често се жалиме во животот на негативните работи кои ни се случуваат, заборавајќи дека ништо не е случајно и дека сѐ си има причина.
Секое утро предај му го денот на својот Бог, никогаш немој да брзаш.
И не плаши се, Бог никогаш не греши!