Не затоа што грешиме, не одиме на Небото. Знајте дека единствен безгрешен беше Христос и никој друг. Сè додека сме живи, а очите ни се отворени, ние ќе грешиме. Ќе одиме на Небото, затоа што даваме сè од себе за да станеме онакви какви што сака Христос да бидеме, и таквиот напор всушност ќе нè спаси. Дали можеме да го победиме искушението на гревот или не, тоа не зависи од нас, туку од Божјата милост.

Мораме да се молиме на Господа, за да ни ја испрати Неговата благодат. Ако Он ни ја испрати Својата благодат, тогаш нема да се лутиме, нема да вршиме прељуба, да крадеме… Ако Бог не ни ја испрати Својата благодат, ние нема да можеме да ги победиме нашите гревови. Ова не значи дека ние не сме онакви какви што Христос сака да бидеме. Се бориме и војуваме против нашите гревови. Ги согледуваме гревовите и мислиме дека ако престанеме да ги правиме, нема да грешиме ниту со умот, ниту со очите или ушите…

Не смееме да очајуваме и да кажеме: „Јас секогаш паѓам во замката на истиот грев. Па, бидејќи ништо нема да можам да постигнам: ништо нема ни да правам!“ Многу работиме: се исповедаме, се смируваме, се каеме… Тоа е тоа што нè спасува, а не доблеста во која сме успеале. И ѓаволот исто така „поседува“ доблести. Еднаш, откако направив добро дело, отидов да му кажам на старецот за него. Тогаш бев почетник и искушеник. Кога ме виде, веднаш сфати за што се работи, и уште пред да можам да кажам некој збор, тој ми рече:

„Дете мое, за што да се фалиме и да се гордееме? За тоа што постиме ли? Никогаш не можеме да постиме повеќе од ѓаволот, бидејќи тој никогаш ништо и не јаде. Тој е најголемиот испосник. Или затоа што сме будни и малку спиеме? Но, не можеме да останеме будни повеќе од лукавиот, бидејќи тој никогаш и не спие. Се воздржуваме ли, остануваме ли целомудрени од љубов спрема Христа? Ја имаме ли таа доблест? Но, ние никогаш нема да станеме поцеломудрени од ѓаволот, бидејќи тој не ги сака телесните задоволства: тие не му требаат, затоа што тој нема тело“.

Бев шокиран! Без разлика, колку и да имаме доблести, никогаш нема да можеме да ги стекнеме оние што ги поседува ѓаволот. Но, дали овие добродетели ќе го спасат ѓаволот? Се разбира дека не; ниту нас нема да нè спасат.

Што сакам со ова да кажам? Дека не треба да бидеме полни со добродетели? Не. Ние ќе се бориме за стекнување на доблестите. Вистинскиот христијанин е секогаш доблесен, но не секој доблесен човек е и нужно христијанин. Постојат доблесни луѓе и меѓу будистите, хиндусите, Евреите и протестантите. Но, доблестите самите по себе не спасуваат. Ние ќе бидеме спасени преку покајание и смирение. Преку смирение на нашиот ум.

Но, смирението не се состои само во изговарање на празни зборови какви што се: „Што сум јас? Јас сум ништо!“ И преку преправање дека си несреќен само за луѓето да речат: „Не, не, ти си доблесен; види, ти имаш такви и такви добродетели…“.

Со тоа што се преправаме дека сме смирени, само ги тераме другите да нѐ пофалат. Вистинското смирение не е само говорење на смирени зборови, туку е потребно да се биде смиреномудра личност, да се има смирен дух и да не се мисли дека сме подобри од другите, затоа што секое зло првенствено се раѓа во нашите умови.

Ако повторно и повторно духовно паѓаме, не треба да очајуваме. Постои свештеник, постои неговиот епитрахил, постои покајание… Тоа ќе нè спаси – и ништо повеќе. Покајанието и смирението ќе нè спасат. Ѓаволот се плаши од тоа. Тој „има“ многу доблести, но една му недостига – смирението, а токму тоа го создаде пеколот и ја донесе духовната пустош.

Игумен Никон Атонски