Кога гревот подолго време ќе остане во човекот, тогаш ѓаволот се здобива со поголеми права, и за тој да го напушти ќе треба да ја сруши старата куќа и да изгради нова.
Луѓето што се опседнати со демон од своето раѓање добиваат голема награда ако не почнат да негодуваат поради таквото измачување, сѐ додека не се ослободат преку Божјата благодат. Додека пак, оние што самите стануваат причина за во нив да се всели демон, потребно е и самите да почнат да прават подвизи.
Оние што се родија со многу наследени страсти и се потрудија да ги отфрлат и да се здобијат со добродетели, се подостојни од оние што добија долгови во наследство од своите родители, а потоа откако ги исплатија и самите се здобија со голем имот.
Во овој живот не треба да се обеспокојуваме за она што ни ги направија луѓето или демоните, бидејќи ни Бог не се вознемирува, ниту со камата ги запишува и чува неправдите во Својата Небесна ризница.
Неразумен е оној што се надева на човечката правда, а уште понеразумен е оној што не ги заборава неправдите што му ги нанесоа другите, како и добрините што тој им ги направил.
Поголема благодарност им должиме на оние што беа неблагодарни, отколку на оние што ни беа постојано благодарни, оддолжувајќи ни се во овој суетен живот. Исто така, најдобра молитва е кога некој неправедно нè проколнува, а ние го примаме тоа молчеливо и со добрина.
Природно е оние што се близу до Бога дека никогаш не можат да бидат проколнати, бидејќи во нив нема зло, туку само добрина. Какво зло и да им биде фрлено на тие осветени луѓе, тоа се осветува, и тие чувствуваат голема скриена радост. Оние пак, што се оддалечени од Бога, секогаш се неутешени и двојно се измачуваат, бидејќи оној што не верува во Бог и во вечниот живот, освен што останува во овој живот неутешен, тој и душата си ја осудува во вечноста.
Луѓето што не веруваат во Бога или пак Му веруваат малку, а за разлика од тоа многу му веруваат на своето „јас“, му носат катастрофи на светот. Сепак, не успеваат да го постигнат својот демонски план, бидејќи дури и да успеат да се соберат заедно сите тие зли луѓе, веднаш биваат растурени од злите демони, взаемно уништувајќи се. Ѓаволот што ги собрал нема љубов за да ги задржи заедно, нема ниту смирение за да се поднесуваат едни со други, нема ниту трпение; и така пред да успее да го направи големото зло, злото самото се распаѓа.
За жал, световниот ум постојано ја остри својата памет за лукавство, и го смета тоа за успех кога некој го онеправдува својот ближен. Дури ја добива и титулата: тој е како ѓавол, сè му успева, додека доживува мал пекол и внатрешно се измачува од грижа на совеста.
Не постои поголем оган од внатрешниот пламен на душата, причинет од совеста што ја измачува и постојано ја јаде со црвот уште во овој живот. Црвот, кој никогаш не заспива, уште повеќе ќе ја јаде во вечниот живот, ако човекот не се покае уште овде и не им се оддолжи на ближните за неправдите што им ги нанел, барем добронамерно, ако не може поинаку.
Непокајаниот човек е најнеразумен на светот, бидејќи освен што страда од постојан немир, тој не може да се ослободи ниту од тој мал пекол што го предизвикува полошиот, вечниот пекол. Непокајникот се лишува и од земните рајски радости, кои се наоѓаат на многу повисоко ниво, во Рајот, близу до Бога.
Не постои поголема радост во светот од љубовта Божја, која заедно со Неговата нежност уште во овој живот неисцрпно им се дава на Неговите благочестиви чеда. Таа може само да се живее, не и да се изрази. Затоа и возвишената љубов, што ни ја има зачувано во Рајот, не ни ја дава веднаш, бидејќи не ќе успееме да ја сместиме во нашите земни срца.
Старец Паисиј Светогорец