Не прави зло, и зло нема да те достигне;
бегај од неправда и неправдата ќе избега од тебе.
Синко, не сеј во браздите на неправдата, и од нив нема да ожнееш седумпати повеќе.
Не барај од Господа власт, ниту од царот – место почесно.
Не оправдувај се пред Господа и пред царот – не мудрувај.
Не барај да станеш судија, за да не се сториш немоќен при уништувањето на неправдата, и да покажеш страв пред силниот, па да фрлиш сенка врз својата правичност.
Не греши пред соборот на луѓето и не понижувај се пред народот.
Не притурај грев врз грев, зашто ни за еден од нив нема да останеш неказнет.
Не вели: „Ќе погледне Бог благонаклоно на многуте мои дарови; Тој ќе ги прими – кога јас ќе Му ги принесам.“
Не бивај малодушен во твојата молитва и не занемарувај ја милостињата.
Не подбивај се со оној што душевно страда, зашто има Некој што смирува, но и што возвишува.
Не измислувај лага против својот брат; не прави му го тоа на пријателот твој.
Бегај од секаква лага; од неа нема никакво добро.
На собир на постари не зборувај многу, и не повторувај ги зборовите во твојата молитва.
Не бегај од тешка работа; не бегај ни од земјоделскиот труд; тој е заповедан од Севишниот.
Не присоединувај се кон мноштвото на грешниците.
Длабоко смири ја својата душа.
Помни дека гневот не задоцнува;
казна за грешникот се огнот и црвите.
Не менувај пријател за богатство, ниту роден брат – за офирско злато.
Не оставај разумна и добра жена; достоинството нејзино е поскапоцено од златото.
Не навредувај слуга што се труди чесно, ни наемник што ти служи верно.
Душата твоја нека го сака разумниот слуга; не ограничувај му ја слободата.
Имаш ли добиток – пази го, а ако ти е од полза – зачувај го.
Ако имаш синови, поучувај ги; од малечки свикнувај ги на послушност.
Ако имаш ќерки, грижи се за нивната чесност; не биди премногу добар со нив;
омажи ја твојата ќерка и со тоа ќе направиш големо дело; подари ја на разумен маж.
Ако имаш жена што ти е по твоето срце, не изгонувај ја од себе.
Почитувај ги татко ти и мајка ти со сето свое срце и не заборавај ги родилните болки на твојата мајка.
Помни дека од нив си роден; што можеш да им дадеш за сето она што го направиле за тебе?
Со сета твоја душа сакај Го својот Гсопод и почитувај ги Неговите свештеници.
Со сета твоја сила сакај Го својот Создател и не оставај ги Неговите служители.
Имај страв од Господа и почитувај го свештеникот; дај му го неговиот дел, како што ти е заповедано:
И правините, и за грев, и давањето плешка, и жртвата за осветување и првите плодови за светиите.
И кон сиромав пружај ја раката своја, та благословот твој да биде совршен.
Биди милостив спрема секое живо создание; но и умрените не лишувај ги од милост.
Не бегај од оние што плачат, туку тагувај заедно со нив.
Не биди мрзлив да ги посетуваш болните; за тоа ќе бидеш возљубен.
Во сите твои работи спомнувај си за твојот крај, и никогаш нема да згрешиш.
Книга Мудрост Сирахова (7, 1 – 39)