Дури и ако не си таков каков што треба да бидеш, не смееш да очајуваш. Доволно е лошо што веќе си грешел. Зошто би се огрешил и уште против Него, сметајќи Го, во своето незнаење, за немоќен? Не може ли Тој, Кој заради тебе сѐ создал премудро, да ја спаси твојата душа? Доколку овој факт, како и Неговото воплотување, само ја влошува твојата осуда, тогаш покај се. Тој ќе го прими твоето покајание, исто како што го прими покајанието на блудниот син (Лука 15, 20) и на блудницата (Лука 7, 37-50). Меѓутоа, ако не можеш да се покаеш, тогаш грешиш по навика, дури и тогаш кога тоа не го сакаш покажи ја кротоста на цариникот (Лука 18, 13).

Тоа е доволно за да си го обезбедиш спасението. Бидејќи, оној кој греши и се покајува, а во исто време и не очајува, со самото тоа се смета себеси за најбеден и нема да се осмели било кого да осуди. Тој најпрво ќе се восхитува на милосрдието Божјо и ќе Му благодари на својот Добротвор, а може дури и да добие многу други благослови. Па дури иако е таков човек, поради своите гревови потчинет на демонот, тој сепак, од страв Божји, нема да го послуша непријателот, кој ќе се обиде да го фрли во очајание. Поради тоа тој има удел во правењето на богоугодно дело. Таквиот човек е благодарен, трпелив, има страв од Бога, не суди, па нема ни да му се суди.

Сето ова е значајна доблест. Истото го споменува и свети Јован Златоуст кога зборува за адот. Тој смета дека мислата за пеколот е од голема корист за нас, зашто мнозина, од страв од пеколот, се удостојуваат за Царството Небесно. Адот нè исполнува со страв, Царството нè закрилува со љубов, а во обата случаи нè спасува Христовата благодат.

Ако оние врз кои натежнале многу душевни и телесни страдања претрпат до крај и не се предаваат на немарноста и очајанието, на крајот ќе бидат спасени.

Св. Петар Дамаскин

Извадок од книгата „Ризница на божественото знаење