Негативните мисли – тоа е моето најслабо место, каде ѓаволот постојано ме напаѓа. Секој пат кога имам негативни мисли за друг човек, сфаќам дека се обидувам да покажам колку сум посовршен од него. Тоа е само поради мојата сопствена надменост, која ме тера да гледам негативно на другите. Ова честопати е нешто што добро го знам, и не ми се допаѓа кај себе, но едноставно го негирам. Но, најважно е дека ваквиот начин на размислување, со сигурност крева ѕид меѓу мене и Бога. Моето внимание не е исполнето со љубов (кон другите), туку е насочено само кон себе. Како што е кажано во Премудроста Соломонова: „Лажните умувања оддалечуваат од Бога“ (Прем. 1, 3).

Св. Амвросиј Оптински пишува:

„На сè гледај просто и едноставно. Да живееш просто – значи да не осудуваш. Не осудувај никого. На пример, една жена проаѓа покрај нас. Едноставно поминува и тоа е сè. Токму тоа значи просто да се размислува. Инаку, гледајќи ја како поминува, можеш за неа да си помислиш и лоши работи: таа е ваква и таква, нејзиниот карактер е ваков и таков итн. Тоа не е простосрдно размислување“.

Св. Паисиј Светогорец вели:

„Ако човекот живее во светот на својата гордост, т.е. во светот на сопствените мисли, тој е полн со прелест и се наоѓа во опасност … Сè додека тој мисли за себе смирено, Божјата благодат останува во него и го заштитува. Кога тој ќе се оддалечи од своите скромни мисли и ќе почне да се занимава со она што го прават и кажуваат патријархот или епископот, или игуменот, или монасите, тогаш Божјата благодат почнува да се оддалечува од него. Затоа, најважно ни е да го задржиме чувството на смирение во нашите животи, и на тој начин да ѝ дозволиме на Божјата благодат трајно да остане во нас“.

Тој исто така рече: „Мораме да имаме на ум дека Бог „не може“ да ни помогне, дури и ако навистина сака да го направи тоа, доколку ние немаме добри мисли. Ние не треба дури ниту во најнеповолните околности да дозволиме каква и да било негативна мисла да проникне во нашата душа. Човек, кој под какви било околности е склон кон добри мисли, секогаш ќе биде победник, неговиот живот ќе биде постојано празнување, вечна радост, која се потхранува токму од добрите мисли“.

Извор: orthodoxwayoflife.blogspot.bg