Живееше во Мала Азија богато благородно семејство. Тие беа великодушни, со добра нарав и верни луѓе. Синот единец, откако порасна и го заврши своето образование, посака ангелски живот и се одлучи за пустиножителство. Долго трагаше по скитовите на египетската пустина, додека еден ден не сретна еден многу строг старец. Веднаш благородникот го замоли за да го прифати како свој послушник во скитот и истовремено изјави дека ќе има потполна послушност кон својот Старец.

– Врати се назад во твојот крај – му рече старецот – и потруди се да го направиш она што нашиот Господ Го рекол. Значи, собери го својот имот и раздај го на сиромасите. Кога ќе го направиш тоа, повторно врати се овде и ќе те примам.

Момчето направи метанија и послушно се врати во својата татковина. Го продаде сиот свој имот, а парите ги раздели на сиромасите. Задоволен што го послуша советот на старецот, сега сиромашен се упати назад во пустината и во скитот. Старецот со задоволство го прифати и кога стана монах, еден ден го повика, па му рече:

– Од сега ќе живееш во онаа ќелија покрај ѕидот и воопшто со никој нема да зборуваш.

– Нека е благословено – одговори монахот, па отиде и се пресели во ќелијата која му ја назначи старецот. Таму остана пет години и се подвизуваше строго, не изговарајќи ниту еден единствен збор. Неговата предаденост и неговото трпение не можеа да останат скриени од останатите браќа кои многу му се восхитуваа и го почитуваа. Монахот продолжи да се подвизува во својата ќелија, кога еднаш го посети неговиот старец и му рече:

– Гледам, дете мое, и нешто што ме жалости. Ти овде немаш никаква корист. Од браќата слушам многу пофалби, кои иако не ги вреднуваш, сепак си во опасност да ја изгубиш својата душа. Треба, значи, да заминеш од Египет; затоа, подготви се. Одлучив да те пратам во општежитие.

Монахот ја наведна својата глава и не велејќи ништо покажа послушност кон волјата на старецот. Веднаш ги подготви малкуте свои работи и појде на далечен пат. Малку пред заминување, старецот му даде писмо со препорака за игуменот на манастирот во кој го испраќаше. Меѓутоа, старецот не се сети на својот послушен ученик да му каже, дали таму каде што заминува треба да зборува или не. А монахот, откако старецот не рече ништо, продолжи да ја следи неговата поранешна заповед, така што устата ја држеше затворена. Неговиот збор повеќе не можеше да се чуе.

Кога стигна во општежителниот манастир, игуменот го прифати и монахот повторно го започна својот подвиг. Поголемиот број од отците во манастирот мислеа дека е нем. Меѓутоа, игуменот имаше некои недоумици, па сакаше да ги расчисти. Затоа го повика и му рече:

– Сакам, оче, да одиш надвор од населбите кај големата река и да прејдеш на спротивниот брег, за да ни донесеш некои намирници за манастирот.

Монахот послушно ја наведна главата, прифаќајќи ја заповедта. Значи, се упати кон реката, но пред заминување игуменот прати и еден друг монах да го следи. Игуменот одлично знаеше дека реката е преплавена и дека не е можно никој да премине на другиот брег. Затоа и го испрати таму младиот послушник, бидејќи веруваше дека тој нема да може да помине, па ќе биде принуден да се врати назад и да му го соопшти тоа, па така ќе се увери дали овој навистина е без глас.

Штом послушниот монах стигна кај реката и се соочи со поплавата, сфати дека е невозможно да прејде преку неа. Без многу размислување клекна и почна топло да се моли со солзи во очите, но устата му беше постојано затворена. Кога заврши со молитвата, му пријде еден крокодил од реката и застана покрај него. Тогаш монахот се качи на него, а големиот рептил, сечејќи ја реката, го пренесе на другиот брег.

А собратот, кој според налогот на игуменот го следеше, се стаписа поради оваа чудесна случка и се воодушеви на добродетелноста на монахот и на силата на неговата молитва. Се врати во манастирот трчајќи, па раскажа сѐ што се беше случило. И игуменот се воодушеви од случката и од тој момент сите многу го почитуваа монахот и сметаа дека е благослов за манастирот што еден таков монах живее со нив.

После само неколку години овој монах, кој беше пример за послушание, ја предаде својата душа на Господа и целиот општежителен манастир потона во тага затоа што изгубија еден свет човек. Игуменот прати писмо до првиот старец на монахот, за да го извести за блажениот крај на неговиот овоземен живот. Писмото завршуваше со реченицата:

„Иако ни прати нем човек, меѓу нас поживеа како вистински ангел“.

Старецот на послушниот монах, откако го прочита писмото, се восхити на послушноста на својот блажен послушник и откако ја напиша вистината за него, ја испрати на игуменот. А игуменот ги повика сите отци од манастирот и им ги прочита следниве зборови на старецот:

„Свети игумене, блажениот човек, кој ти го пратив пред неколку години воопшто не беше нем. Напротив, благодарение на заповедта на својот духовник, сиве овие години ги помина во молчење. Сега, кога Господ го повика кај Себе, неговите молитви нека бидат со нас“.