Поголема благодарност им должиме на оние што нè онеправдуваат и што нè напојуваат со отров, отколку на оние што нè хранат со почит, со ласкави зборови или со вкусни јадења и блага, бидејќи отровот е најдобриот лек за нашата душа.
Не би требало да испитуваме дали огорчувањето е праведно или неправедно, од љубов или од злоба. Дали сме виновни или воопшто не сме. Духовната добивка што ни ја причинува секоја неправда треба да ја примаме со радост, да им бидеме благодарни на оние што ни нанесуваат неправда и постојано да Го славиме Бога.
Ударите врз душата се неопходни за нашето спасение, зашто тие нејзе ѝ го даваат сјајот. Колку што некој ќе ја удира облеката и ќе ја трие, до толку таа подобро ќе се исчисти. Исто како и октоподот и сипата што од многу удари омекнуваат и се чистат од своето црнило.
Световните ласкања им наштетуваат на душите кои духовно се ослабнати, а преку пофалбите се повредуваат добродетелните луѓе во овој суетен живот, ако нивната добродетел е видлива. Пофалбите треба да бидат помали од нашите добродетели, за нашиот духовен кантар да натежне кон праведниците на судниот ден, за да Го видиме Лицето Божјо.
Тешко нам! Кога нè прогласуваат за добри лубеници, а ние сме само обични тикви.
Тешко на оној што им остава на другите впечаток дека е свет човек, зашто тогаш вечно се онеправдува себеси, па никој нема да се моли за упокојување на неговата душа кога ќе умре, зашто сите ќе го сметаат за блажен.
Световниот мир и спокојот на нашите помисли никогаш не ѝ носат смирение ниту на нашата душа, ниту на нашиот живот, бидејќи во нив недостига божествената утеха. Тие не нè водат ниту во вечниот мир, туку уште од овде почнуваат да нè измачуваат и да ги продолжуваат вечните и неподносливи маки.
Оној што се натажува заради тоа што паднал во очите на луѓето со своето невнимание, а не се грижи за тоа што Го навредува Христа, постојано ќе биде повреден и неутешен, и постојано ќе паѓа сѐ додека не се смири самиот себе и не го промени „типикот“ на своето однесување. Само тогаш ќе се спаси од овдешниот пад, но и од вечниот мрак што неминовно го чека.
Старец Паисиј Светогорец